Во Националната галерија Чифте амам се одржа јубилејната манифестација „Остен – уметност на хартија“ по повод 50 години Светска галерија на карикатури Скопје 2018.
Директорот на Остен, Мице Јанкуловски во својот поздравен говор рече дека Светската галерија на карикатури е најголемиот светски бренд во карикатурата и најголемиот македонски бренд во културата и во светот.
„Додека се одржува оваа манифестација, Скопје е град на современата светска карикатура, собиралиште на карикатуристи од целиот свет, место каде што се разговара за карикатурата вчера, денес и утре“, рече Мице Јанкуловски, директорот на Остен.
Претседателот на интернационалното жири на Остен Биенале на цртеж Скопје 2018, Манос Стефанидис, порача дека уметноста бара отворен ум, отворено срце и чувствителност.
„Имам чувство дека тука вечерва се случува нешто многу важно: имаме музеј, имаме колекција, сето тоа е многу живописно и вчудоневидувачко, но истовремено се наоѓаме во центарот на Европа и тоа објаснува дека уметноста на Балканот е исто така во срцето на уметноста на Европа“, рече Манос Стефанидис, кој истовремено е куратор на Националната галерија на Грција и професор по историја на уметност на Универзитетот во Атина.
Педесеттото издание на Светската галерија на карикатури оваа година го обележаа 792 дела од 208 карикатуристи од 50 земји во светот, а на Остен Биеналето на цртеж Скопје 2018 учествуваа 868 автори од 61 земји со 2.317 дела.
На централниот настан се доделија награди на уметници и признанија на партнери и соработници на Светската галерија на карикатури и Биеналето на цртеж. Главните награди на Биеналето се доделија на Пјер Сулаж од Франција, со наградата Гран при за животно остварување и на Хенри Мур од Обединето Кралство, со наградата Светско културно наследство.
Иницијативата на ОСТЕН – уметност на хартија со Светската галерија на карикатури, Биеналето на цртеж и Биеналето на наградените автори го најавија и формирањето на – Остен Музеј на цртеж.
„Овој нов предизвик – формирањето на Остен Музејот на цртеж во Скопје, ќе овозможи повеќе-илјадната збирка на Остен да биде соодветно архивирана и евидентирана, ќе се овозможи нејзина заштита и чување, стручно истражување, обработување, проучување, презентирање и публикување, а самата збирка ќе биде достапна за македонската и светската јавност“, заокружи премиерот Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.