| четврток, 6 декември 2018 |

Тешка сообраќајка вечерва кај Приштина: Три лица загинале, повредена турската амбасадорка

Сообраќајна несреќа со смртни последици во која учествувало и службеното возило на Амбасадата на Турција во Косово, во кое била и амбасадорката Кивилчим Килич, се случила вечерва на магистралниот пат Приштина-Гњилане, кај месноста Мрамор, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во првичното соопштение на косовската полиција се наведува дека во сообраќајката учествувале три возила, од кои едното е на Турската амбасада и дека на местото на настанот починале две лица. Малку подоцна, медиумите објавија дека нешто по 19 часот починало уште едно од повредените лица, така што билансот на оваа несреќа е тројца загинати.

Полицијата потврди дека меѓу повредните е и амбасадорката Килич, која, како и останатите четворица повредени, е пренесена во Универзитетската клиника во Приштина.

Во полициските објави не се наведува дали е турската амбасадорка меѓу двајцата потешко или меѓу полесно повредните, но неофицијално се дознава дека таа не е во животна опасност.

Амбасадата на Турција во Приштина соопшти дека состојбата на амбасадорката Килич е стабилна и дека таа го добила соодветниот медицински третман.

(фото – илустрација)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top