| четврток, 6 декември 2018 |

Сеќавање на Милан Младеновиќ и ЕКВ вечер на „Синедејс“

Публиката на 17. Фестивал на европски филм “Синедејс“, вечерва ќе може во киното Милениум да ги проследи „Фаворитката“ на Јоргос Лантимос (20 часот), а од 22:30 часот следува „Догмен“ на Матео Гароне, двата од Гала програмата.Во киното Фросина, пак, од 21 часот ќе може да се види македонскиот краток „Сонот за крвта и душата“ на Игор Алексов, а следува „Хаотичниот живот на Нада Кадиќ“ на Марта Хернаиз Пидал – дел од СинеБалкан програмата.

По повод 60 години од раѓањето на Милан Младеновиќ (1958, Загреб) во денсинг салата на Младинскиот културен центар во Скопје денеска ќе се одржи мултимедијална програма под насловот „Сеќавање на Милан и ЕКВ“ кој го приготвува проект бендот „Деца из воде“ со специјалниот гостин Срѓан Жика Тодоровиќ.

По повеќе од две децении на бина во Скопје ќе настапи легендарниот Жика, оригинален тапанар во ЕКВ и ќе отсвири дел од програмата на овој преокт бенд.

Тој беше член на бендот од 1987 до 1990 година и со ЕКВ сними два албума – „Љубав“ и „Само пар година за нас“. Песните како Земља, Круг, Срце, Љубав, Пар година за нас, Поред мене, 7 дана… доминираа на топ листите, а тој период се смета за најуспешниот период на ЕКВ. Огромен продонес за тој успех донесе и Жика со својот уникатен стил на свирење.

Деца из воде е ЕКВ проект бенд создаден пред три години во Белград со идеја концертно да го одбележи сеќавањето на Милан Младеновиќ, ЕКВ и нивниот музички опус. Бендот го сочинуваат Зоран Младеновиќ, Луна Шкопеља, Лазар Остојиќ и Никола Рајовиќ. Сите членови на бендот се искусни и врвни музичари вклучени во разни други бендови, а во овој проект ги спои заедничката пасија кон ЕКВ. На репертоарот се сите најголеми хитови од сите шест студиски албуми на ЕКВ, како и нивното деби како Катарина II и двата најголеми хита од периодот на Милан во Шарло Акробата.

Пред концертот во Даниснг Сала МКЦ ќе се прикаже филмот Дечак из Воде. Краток филм снимен во 2014 година за животот и кариерата на Милан Младеновиќ. Филмот хронолошки ги следи животот и кариерата на Милан, а проникнат е со песните ЕКВ, Шарло Акробата и проектите Римтутитуки и Ејнџлс брет. Изграден е од перспектива на еден млад музичар што е роден по смртта на Милан и ги сака ЕКВ и преку соговорниците истражува кој бил Милан Младеновиќ и какви биле општеството и околностите во времето кога творел, а завршува со заклучокот каков белег имаат оставено неговите дела денес. Како соговорници во филмот се појавуваат Зоран Костиќ (Партибрејкерс), Душан Којиќ Која (ШарлоАкробата, Дисциплина Кичме), Иван Ранковиќ Рака (тапанар на ЕКВ 1985-1987), Александар Жикиќ (автор на биографијата „Место во меќава: Приказна за Милан Младеновиќ“), Горанка Мариќ (фотограф) и други познати личности и музичари, а анкетирани се и обични граѓани.

Од ретроспективата на Милош Форман, од 22 часот во Џебното кино при МКЦ ќе може да се види „Црниот Петер“, а како дел од придружната програма, пак, од 13 часот младите филмаџии ќе можат да го проследат предавањето на Бригита Мантеј „Како да реализирате филмски проект?“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top