| четврток, 6 декември 2018 |

Кучката Хани го стави зад решетки: Македонец „паднал“ со 32 кила марихуана на грчка граница, полициско куче му ја надушкало дрогата

Грчката полиција, со помош на полициското куче Хани, на грчката страна од граничниот премин Богородица (Евзони) во петокот напладне, уапсила 36-годишен странски државјанин кој во Грција се обидел да внесе 32 килограми и 766 грама канабис, а според информациите на дописничката на МИА од Атина, станува збор за македонски државјанин.

Како што соопштија од грчката полиција на прес-конференција во Солун, дрогата била рачно спакувана во 61 пакет, скриени во внатрешниот и во надворешниот дел на автомобилот, а полициската акција била организирана по добиени информации.

– При темелна контрола на возилото, со помош на полициско куче, во браникот на возилото и во внатрешноста и во командната табла беа откриени вкупно 61 рачно спакувани пакети со 32 килограми и 766 грама канабис што беа одземени. Триесет и шестгодишникот беше изведен пред истражен судија во Кукуш и му беше одредена привремена мерка притвор, рече на вчерашната прес-конференција во Солун, Петрос Танос, шефот на канцеларијата за информации и односи со јавност на Главната полициска дирекција Централна Македонија.

Од грчката полиција на нивните официјални Твитер и Фејсбук профили јавно му се заблагодариле на полициското куче Хани за неговата „драгоцена помош“ за откриената дрога во конкретниот случај.

Хани е белгиски овчар, специјализиран за откривање на дрога. Има 10 години, а од две годишна возраст е во грчката полиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top