| четврток, 6 декември 2018 |

Нема веќе брзо возење во Карпош

Со цел да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, а особено пред основните училишта и градинките во Карпош 4, но и да се намали сообраќајниот метеж пред ТЦ Сити Мол, во наредните неколку дена, Општина Карпош почна да поставува нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација низ сервисните улици во урбаната заедница Карпош 4.

Оваа исклучително значајна акција Општината ја спроведува во соработка со СВР Скопје, Градот Скопје и стручни лица – сообраќајни инжинери.

Со новото сообраќајно решение се воведува и ЗОНА 30 низ сервисните улици во Карпош 4, со што ќе се ограничи брзината на движење, внатрешно во населбата.

Овие промени се прават врз основа на сообраќаен проект, за измена на режимот на сообраќајот.

По повеќе децении, конечно, се обновува хоризонталната и вертикална сигнализација во оваа урбана заедница, според сите современи стандарди и критериуми, со што се зголемува безбедноста во сообраќајот.

Ќе се постават нови 250 знаци (вертикална сигнализација), при што посебно се става акцент на воочливи и интерактивни знаци пред училиштата и градинките. Исто така, ќе биде поставена нова хоризонтална сигнализација во должина од 2.400 m2 со околу 80 нови пешачки премини.

Примарна цел на локалната самоуправа е со ова ново решение да се подобри безбедноста во сообраќајот, пред воспитно – образовните установи и да се намали сообраќајниот метеж кај ТЦ Сити Мол.

Во следниот период, штом целосно заврши поставувањето на хоризонталната и вертикалната сигнализација, дополнително ќе ги известиме граѓаните за новите сообраќајни правила и начинот на движење на возилата и пешаците.

Ова е само начин, како заедно да ги менуваме навиките, за поголема безбедност и заштита на сите учесници во сообраќајот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top