| четврток, 6 декември 2018 |

Неспособна да го реши загадениот воздух, власта го дели народот на сиромашни и богати

Луѓе се гушат во смог, Владата за сметка на посиромашните ќе овозможи да возат побогатите, а гасификација нема затоа што ги кратат средствата за да има повеќе пари за други сомнителни тендери во 4 очи. И додека ова се прави, на пример скопскиот градоначалник Шилегов се занимава со проект на преиминување на катни гаражи кои ги изгради неговиот претходник и каде во центарот на Скопје ќе крсти катна гаража „Белградска Конфекција Беко“. Тоа е тажната реалност денес, вели Мицкоски во интервју за порталот Курир

Власта неспособна да го реши загадениот воздух започна да го дели народот на посиромашни и богати. Владата вели дека има стратегија, но претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не е оптимист дека најновите мерки ќе дадат резултат за почист воздух.

-Темата со воздухот е запоставена во јавноста, а токму таа е многу значајна, бидејќи граѓаните ги чини здравје. Токму во оваа сфера Владата доживува вистинско фијаско, а ветуваа чист воздух, а воздухот не само што е подобрен туку станува неподносливо загаден. Алармот треба да се вклучи до максимум, луѓе умираат поради неспособноста на властите да спроведат концепт кој ќе даде резултати, вели Мицкоски во интервју за порталот Курир.

Лидерот на опозицијата смета дека мерката на Владата за возење според категоризација на возилата според еуро стандардот е парцијална и не доволно ефективна. Освен тоа што нема да има видливо подобрување, таа е и дискриминаторска спрема граѓаните.

-Практично Владата не можејќи да го реши проблемот со воздухот со суштински мерки превзема парцијални дисктримнаторски мерки каде ќе овозможи да користат автомобил само богатите, бидејќи тие всушност возат и подобри автомобили кои ги исполнуваат еколошките стандарди. Значи Владата ќе ги казни посиромашните за сметка на побогатите, а воздухот ве убедувам дека нема да стане драстично почист. Најефикасното решение за почист воздух е итна гасификаија, каде за жал владата со ребалансот на буџетот крати средства, вели Мицкоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top