| четврток, 6 декември 2018 |

Започнува подготвителниот скрининг за Поглавјето 24 „Правда, слобода, безбедност“

Македонија денеска го започнува подготвителниот скрининг за Поглавјето 24 насловен „Правда, слобода и безбедност“.

Македонската делегација во Брисел ја предводи вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во својство на главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ.

Како што информираат од кабинетот на вицепремиерот, за време на посетата, Османи ќе одржи и неформален брифинг со претставници на Работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан (КОВЕБ), каде ќе биде претставен и Планот 18, а ќе оствари и работна седба со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Состанокот ќе трае три дена, за време на кои експертските тимови ќе ги чешлаат седумдесетте страници од европското законодавство (acquis communautaire – АКИ) посветен на овие теми. Дипломатски извори за МИА објаснуваат дека станува збор за обемна област, во која се дискутираат низа различни теми, како азил, миграција, и низа граѓански и кривични материи.

До крајот на оваа година треба да се одржат ушти три скрининг состаноци за поглавјата 3 (слобода на услуги), 5 (јавни набавки) и 32 (финансиска контрола).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top