| четврток, 6 декември 2018 |

FOR SALE

Многу симптоматично е што, и после овој кобен датум за Република Македонија, прстот повторно е вперен кон ВМРО-ДПМНЕ. Точно е дека и ВМРО-ДПМНЕ до последна секунда од тој проклет ден веруваше во сите свои пратеници и во сите пратеници од својата коалиција. Но, откако тие осумина постапија спротивно на партијата и коалицијата, тие веќе не се дел од ВМРО-ДПМНЕ. Можат да се нарекуваат независни колку што сакаат, но не се дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“

 Дафина Стојаноска
– пратеничка

Не, не го преферирам англискиот, јазик, пред мојот мајчин – македонски. И, не, не е ова за често употребуваниот прекар на машки имиња кај нас. Ова е за она што ни го приредија нашите сограѓани и наши сонародници…

Ја ставија на продажба Македонија. И велат дека се горди со тоа. Дека се гордеат што ќе ѝго сменат името, што ќе си го сменат сопствениот, но и нашиот идентитет, што ќе избришат огромен дел од нашата богата историја и култура, што ќе нѐ обезличат, што ќе нѐ уништат.

Да велиш дека си горд на вакво нешто, треба да си навистина доволно „храбар“ ( читај: доволно луд ).

Кога некој ќе се стекне со наследство од татко, дедо и прадедо, кои тешко заработувале и се мачеле да создадат свој дом, и кога тој некој многу брзо и лесно ќе се одлучи тоа наследство да го продаде, а заради подобар живот, тој некој останува без спомените на своите предци, без трага за нивната мака и труд. Да, можеби ќе се стекне со извесно материјално богатство, но колку тоа ќе трае? Обично лесно се трошат брзо „заработени“ пари. На крајот се останува и без нив, и без наследството. Но, на крајот на нештата, секој има право да располага со имотот кој, иако наследен, сепак е на негово име и на негово владение.

Македонија не е ничиј имот и не е на ничие посебно име заведена. Никој не може и не смее да одлучува за Македонија од свое име или од име на извесен број истомисленици, па колку и да биде голем ( или мал ) тој број. За Македонија и за нејзината иднина мора да одлучуваат сите кои живеат во неа. Сите кои ѝ мислат добро на оваа земја треба заедно да донесуваат вака важни одлуки. Сите – единствено – консензуално – акламативно! Само таква одлука ќе има вредност и општа поддршка.

Референдумот е највисока демократска алатка за носење важни одлуки за една држава. За референдумот од 30 – ти септември сѐ е кажано и веќе завршено. Волјата на народот, кој во најголем број не ја искажа на последниот референдум, не се испочитува. Се тера понатаму, со дрско кршење на законите и Уставот на Република Македонија.

Сега сме во една „порелаксирана“ парламентарна процедура или во втората фаза од измените на Уставот на Република Македонија, кога се разгледуваат нацрт – амандманите и за чие изгласување се потребни 61 глас.

Сите во Парламентот, а најмногу владеачкото мнозинство, се чувствуваат некако покомотно и продолжуваат со гордата реторика дека ова што го прават е единствено исправното решение за иднината на Република Македонија. Само да ги потсетам и нив, а и целата јавност, веќе не се работи за иднината на Република Македонија, туку за иднината на Република Северна Македонија.

Иднината на Република Македонија заврши на 19 – ти октомври. Ја скроија и завршија 80 пратеници.

Многу симптоматично е што, и после овој кобен датум за Република Македонија, прстот повторно е вперен кон ВМРО-ДПМНЕ. Точно е дека и ВМРО-ДПМНЕ до последна секунда од тој проклет ден веруваше во сите свои пратеници и во сите пратеници од својата коалиција. Но, откако тие осумина постапија спротивно на партијата и коалицијата, тие веќе не се дел од ВМРО-ДПМНЕ. Можат да се нарекуваат независни колку што сакаат, но не се дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

Причините зошто така постапија си ги знаат самите тие. Но, дефинитивно станаа дел од групата 80 – мина кои ставија крај на иднината на Република Македонија. Ако намерите им беа дека е вредно тоа да се направи, за Македонија конечно да влезе во ЕУ и во НАТО, чудно е зошто сите не излегоа да гласаат на референдумот, зошто сите гласаа против усвојувањето на дневниот ред по однос на усвојувањето на точката за предлогот за пристапување кон измени на Уставот ( многумина од нив имаа моќни говори по однос на нивните ставови кои ги изменија во еден ден ) и, конечно, зошто тоа не ѝго соопштија на време на својата матична партија и коалиција?

Слободата и независноста не се тоа, ако за нив се тргува. Никој нема да се чувствува слободен и независен, ако се испазарил за истото. Сите политички прогонети и обвинети, па и осудени, еден ден, кога ќе дојде правната држава, ќе беа ослободени. Некој избра да биде ослободен со договор, но дали можеше да се верува на ваков договор и со тие преговарачи? Дали можеше да се договара, кога се работи за капитулантскиот Преспански договор.

Ќе завршам тука со овие осумина, за да не бидам соучесник во наметнувањето на темата на јавноста да се занимава само со овие осумина. Јавноста треба да знае и тоа никогаш да не го заборави, дека Република Македонија ја погребаа 80 пратеници, спротивно на волјата на нивните гласачи и спротивно на законите и Уставот. Ако беа и се за демократска и правна Европа, немаа ова да го сторат во никој случај.

А, ВМРО-ДПМНЕ остана и ќе остане на ставот дека Преспанската спогодба е капитулантска и дека нема да ја прифати никогаш. ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во изготвувањето на спогодбата и нема да стане соучесник во нејзиното имплементирање во Уставот.

Како и да е, Македонија и нејзината судбина или иднина се во рацете на 80 – мина пратеници. Тие Македонија дефинитивно ја ставија на продажба и од нив зависи дали до крајот на овој процес ќе се освестат и ќе се повлечат или ќе останат на нивниот став од 19 – ти октомври, и покрај силната осуда за тоа од нивните гласачи, сограѓани, соседи, колеги, пријатели и роднини.

Ние од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ остануваме доследни на нашиот кажан збор и на нашите ставови. Доследни на Македонија – засекогаш!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top