ЕВН во втората недела на јули на 27 корисници им испорачала пресметки за неовластено користење на електричната енергија и во судовите поднела кривични пријави за корисниците.
Засилените контроли и присуството на полицијата и судските вешти лица придонесоа да се откријат двојно поголем број на кражби на електрична енергија споредено со првите седум дена од јули. Штетата која ја направиле во системот изнесува 3,6 милони денари, односно крадците потрошиле 560 000 Kwh електрична енергија. Директно приклучени во мрежата биле 11 корисници, тројца од фатените корисници го манипулирале броилото, а тринаесет имале непријавено броило во системот што исто така е кривично дело казниво според законските прописи во земјава – велат од ЕВН.
Оттаму најавуваат дека во соработка со полицијата продолжуваат засилените контроли и во наредниот период. Покрај крадците на електричната енергија, ќе се санкционираат и нередовните плаќачи.
-Непопуларната мерка исклучување од дистрибутивниот систем следува за оние корисници кои имаат неподмирен долг кон ЕВН Македонија, а тужените долгови се предаваат на постапување кај извршителите – додаваат од ЕВН.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.