| четврток, 6 декември 2018 |

Мицевски: Ја укинуваме Република Македонија, Северна е нова творевина

Власта не сака транспарентно да расправа за нацрт-амандманите, обвини пратеникот Никола Мицевски од собраниската говорница, на седница посветена на втората фаза од уставните измени во која Комисијата за уставни прашања дискутира за предложените амандмани.

На почетокот на седницата Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ изрази жалење што продолжува праксата во Собранието истовремено со оваа седница да бидат закажани и други комисии поради што пратениците се оневозможени да присуствуваат на седницата за уставни прашања. Ова, според Мицевски, не е случајно, а и фактот што седницата не се пренесува во живо упатува на тоа дека власта не сака транспарентно да расправа за нацрт-амандманите.

Тој истакна дека ние сме единствена земја која са самоукинува, а предлагачот на амандманите односно Владата, само со еден нацрт амандман сака „Република Македонија“ да ја покрие со менувањето во „Северна“.

– Секоја промена мора да биде прецизно формулирана во амандманите, а не да се прави импровизација – потенцираше Мицевски.

Тој апелираше до пратениците добро да размислат пред да гласаат затоа што Република Македонија е таква каква што сме ја наследиле од нашите предци.

– Република Северна Македонија е нова творевина, а наше е да ја чуваме таква како што ни е оставена во наследство – порача Мицевски кој забележа дека во нацрт амандманите нема ништо за придавката „македонски“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top