| четврток, 6 декември 2018 |

Нема веќе додаток за трето дете, се воведува еднократна помош за секое новороденче

Додатокот за трето дете ќе се укине, а ќе се дава еднократна помош за секое родено дете. Ова се предвидува со измените на Законот за заштита на децата, со кои се бришат членовите од Законот со кои беше предвидена помошта за трето дете, објави порталот „Сакам да кажам“.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека не станува збор за укинување на надоместокот, туку за унапредување на правото на користење на надоместок и на прво, и на второ, и на трето дете.

Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за заштита на децата е објавен на страницата на Националниот електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Допрва треба да се разгледува на владина седница пред да се даде на усвојување во Собранието.

Со измените на Законот за детска заштита, кој беше донесен во 2009 година, од владата на тогашниот премиер Никола Груевски мајката добиваше 8.048 денари додаток за трето дете 10 години, а за родено четврто дете ако добива додаток за трето дете, помошта е 11.267 денари во рок од 15 години.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top