Огнен Дранговски, актер на НУ Народен театар-Битола е избран во меѓународната актерска дружина на театарот „Глоуб“ во која има 20 актери од 37 театари на исто толку држави кои минатата година учествуваа на Шекспировиот фестивал „Глоуб ту Глоуб“ во Лондон.
Oдлуката за изборот на актерот Дранговски претставува големо признание за македонското глумиште од светски релевантна театарска институција.
– Во театарот „Глоуб“ на секои две години се избира Меѓународна актерска театарска дружина и пресреќен сум што сум еден од 20 актери од светот што ќе бидат во Лондон. Повикот значи ново актерско усовршување, работа на дело од Шекспир, работа со специјални тренери за актерски вештини и други за мене нови предизвици. Ќе има актери од цел свет и нашата заедничка задача можеби ќе биде да направиме претстава на различни јазици во која Шекспир обединува, вели Дранговски.
Лондонскиот театар „Глоуб“ се подготвува за голема светска турнеја, во 200 држави на сите континенти, со трагедијата „Хамлет“ на Вилијам Шекспир.
Овој амбициозен театарски проект се организира во чест на два големи годишнини поврзани со Шекспир – 400 години од смртта на најголемиот англиски драматург, што се навршува на 23 април 2016 година, како и 450 години од раѓањето на авторот, што ќе се одблежува идната година.
Уметничкиот директор на „Глоуб“ Доминик Драмгол проектот го нарекува „восхитувачки и возбудлив“, откривајќи дека театарот ќе помине на обиколка низ светот околу две години, при што последната претстава би се прикажала на 23 април 2016 година.
Замислено е едни исти актери да се појават во сите претстави на „Хамлет“. Продукцијата на театарот на оваа шекспирова трагедија веќе е прикажана во Германија и во САД, но замислата е сега да се посетат и земји каде гледачите, никогаш досега не виделе професионална изведба на една драма на Вилијам Шекспир.
Според уметничкиот директор Драмгол, проектот за турнеја со која ќе се посетат, безмалку сите држави во светот, претставува надградба на минатогодишниот проект, што беше означен како „Глоуб ту Глоуб“. Со него, на лондонската сцена на овој театар, беа прикажани сите 37 претстави на Шекспир, но изведени на 37 различни јазици во светот.
Во театарот се` уште не се определни сите земји каде ќе се појави „Глоуб“ со Хамлет, но се верува дека во Европа ќе бидат посетени сите држави.
Шекспир е роден на 23 април 1564 година, во англиското место Стратфорд-он-Ејвон и почина на истиот ден во 1616 година, во својот роден град. Напиша 37 комедии, историски драми и комедии. Во 1588 година, Шекспир се преселил во Лондон, по што многу бргу сите свои дела ги пишувал за театарот „Глоуб“, што се изградил на десната страна од Темза. Реплика на театарот од шекспировото време е изградена во деведесетите години на 20 век, на приближно истото место, во британскиот главен град, на кое овој театар постоел и во 17 век.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.