Координаторката на Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Елизабета Канческа-Милевска денеска кажа дека осумтемина пратеници нема да гласаат за одземање на пратеничкиот имунитет на Никола Груевски.
Собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања треба да биде закажана деновиве и на неа треба да се расправа за пратеничкиот имунитет на Груевски откако Кривичниот суд официјално го извести Собранието дека Груевски е осуден на правосилна казна затвор од две години.
Во пратеничката осумка се пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Елизабета Канческа-Милевска, Владанка Авировиќ, Зеќир Рамчиловиќ, Нола Исмајловска-Старова и Емилија Александрова.
Претходно, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата „Фактор магазин“ застана во одбрана на нивниот поранешен лидер, Никола Груевски кој треба да се јави в затвор на 8 ноември. Според Николоски, она што му се случува на Груевски е безобразно.
-Мислам дека ова што му се случува на Никола Груевски по однос на овој предмет е безобразно. Прекршени се сите правила. Човекот одговара за тоа што се возел во службено блиндирано возило. Нема таму ни криминал, ни корупција- рече Николоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.