| четврток, 6 декември 2018 |

Се ближи крајот на премиерскиот мандат на Меркел

Ангела Меркел денес ќе се обиде да најде решение за својата кревка владина коалиција, ослабната по изборниот неуспех што го доживеа вчера во регионот Хесен.

Резулатите од изборите покажуваат дека двете партии од владината коалиција, ЦДУ и СПД остварија лоши резултати и покрај тоа што всушност однесоа победа.

ЦДУ освои 27 отсто гласови но тоа претставува загуба од 11 отсто во однос на последните избори од 2013 година. Слична е ситуацијата и со социјал-демократите од СПД со освоени 19,8 отсто.

Според политикологот и професор на Универзитетот на Дресден Ханс Ворландер „овие две партии се како давеници врзани еден за друг“, изјави тој на телевизијата АРД.

Од друга страна еколошката партија освои двојно повеќе гласови и стаса до 19,8 отсто а екстремната десница успеа да влезе и во овој регионален парламент со 13,1 отсто.

Сега Меркел ќе треба да ги вложи сите сили да ја сочува владината коалиција. Социјал-демократите од СПД се заканија дека ќе излезат од коалицијата бидејќи нивната внатрешна ситуација е кревка, не се задоволни од функционирањето на коалицијата и многумина од партијата би сакале да одат во опозиција за да ја заздрават партијата. Внатре во владината коалиција исто така врие, пред се поради миграциската политика.

Според претседателката на СПД Андреа Нахлес, „ситуацијата во која се наоѓа државата е неприфатлива“. Партијата постојано паѓа на секои избори и сега, на државно ниво, според анкетите полошо стои од екстремната десница. СПД има 15 отсто поддршка а екстремната АФД 16 отсто.

Доколку СПД си замине од владата, би значело распаѓање на коалицијата на Меркел, нови избори и крај на политичката кариера на канцеларката. Таа за денес најави говор во 13 часот што Германија со нетрпение го чека за да види што ќе се случува со владата.

Популарноста на Меркел постојано е во опаѓање. По 13 години на власт процесот е и природен но падот започна со одлуката на Меркел да ги отвори границите за мигрантите во 2015 година.

Според весникот Франкфутер Алгемајне Цајтунг, за Меркел би била „голема грешка“ доколку таа одлучи по секоја цена да остане на власт. Таа треба да разбере дека „го разбрала она што сите го знаат: крајот на нејзиниот мандат како канцеларка се доближува“, пишува денес овој влијателен весник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top