| четврток, 6 декември 2018 |

Фестивал „Златна лира 2018“: Концерт на Квартет гитари од Минеаполис, САД

Вечерва во Музејот на Град Скопје во 20 часот ќе се одржи концерт на Квартет гитари  од Минеаполис, САД. На програмата на првото гостување на реномираниот квартет гитари од Минеаполис, САД ќе бидат дела од Астор Пјацола, Ј. С. Бах, Хиероми Уехара, Алберто Хинастера, Иан Краус, а составот ќе исполни и две македонски песни – традиционалната „Јовано, Јованке“ и композицијата „Македонско девојче“ од Јонче Христовски, двете во аранжман на Маја Радованлија.

Со своите длабоко експресивни изведби кои се одликуваат со топла музичка интимност, но и блескава бравура, Квартетот гитари Минеаполис jа восхитува публиката низ САД, Европа и Азија. Од Бах преку Пјацола до Принц, еклектичниот репертоар на составот се го краси виртуозност и извонредна синхронизација што е резултат на повеќедецениска класична музичка наобразба и камерното музичко искуство на неговите членови. Четворицата музичари – Џозеф Хагедорн, Маја Радованлија, Бен Канкел и Вејд Оден градат интимен однос со својата публика особено преку нивниот сценски ангажман и хумор. „Повеќе од квартет гитари, повеќе од извонредни музичари, и повеќе од една камерна група“ – за нив вели композиторот и изведувач Даниел Бернард Румен. „Тие се амбасадори на звукот, стилот и суштината“. Квартетот својот репертоар го извел на бројни концертни подиуми низ САД и Мексико, а неговите скорешни и идни турнеји, покрај концертот на фестивалот „Златна лира“ вклучуваат настапи во Кина, Србија, Црна Гора, Германија и Бугарија. Составот има остварено уметнички резиденции на универзитетите УКЛА и ПРИНСТОН, како и на Omni Foundation Dynamite Guitar во Сан Франциско, Центарот за уметност во Чонкинг Гутаи, Гранд театарот Тијанџин. Меѓу позначајните концертни настапи на квартетот се вбројуваат оние со Симфонијата на Остин, Камерниот оркестар на Сент Пол, Оркестарот Минесота и Columbus Symphony. За своите носачи на звук издадени за реномираните издавачки куќи Albany, GSP, Innova, квартетот се здобива со извонредни позитивни оцени од светската критика.

Влезот е слободен.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top