| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува судењето за „27 април“

Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за настаните во Собранието на Македонија на 27 април минатата година. Истовремено, во Собранието, за денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го достави предлог-законот за амнестија на сите инволвирани во случувањата во македонскиот законодавен дом од 27 април минатата година.

На претходното рочиште, на 25 октомври, беа прегледувани снимки од надзорните камери пред кабинетот на поранешниот претседател на Собранито Трајко Вељаноски и од други места во Собранието.

Рочиштето траеше повеќе од десет часа и беа прегледани само неколку снимки од безбедносните камери со случувањата на 27 април.

Првата снимка, од безбедносната камера од пред кабинетот на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, ги покажуваше случувањата нешто пред да влезе толпата, па се до расчистувањето на Собранието од Единиците за брза распределба. Другата снимка беше од балкон-салата во Собранието.

На снимките се гледаше движење од членовите на обезбедувањето на Трајко Вељановски, на обвинетите Горан Ѓошевски и Елена Божиновска, како и Иван Цветановски. На снимките се појавуваат обвинетите Никола Митревски Кољо, со фантомка што ја симнува, Абдулфета Аљими, Стефан Младеновски и Митре Питроповски, Илија Славевски, а пред крајот и Борис Дамовски и Владо Јовановски.

За случајот „27 април“ обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко
Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top