| четврток, 6 декември 2018 |

ЕП изгласа целосна забрана на пластиката за еднократна употреба во земјите од ЕУ

Европскиот парламент изгласа целосна забрана на пластиката за еднократна употреба во земјите од Европска Унија, со цел да се намали загадувањето во океаните. Со оваа одлука ќе се забранат предмети направени од пластика, како прибор за јадење, чаши, памучни стапчиња, сламки и дршки за балони.

„Ако не преземеме акција, до 2050 година во океаните ќе има повеќе пластика од риби“, кажа еден парламентарец.

Европската комисија ја предложи оваа забрана уште во мај и таа допрва треба да надмине низа процедурални пречки, но се очекува да биде усвоена и да стапи на сила низ Европска Унија до 2021 година.

„Ова е голема победа за океаните, околината и за идните генерации“, изјави парламентарецот Фредерик Риес, откако одлуката беше усвоена со 571-53 во гласови.

Одлуката ќе се прошири и на филтрите во цигари, кои прават огромно ѓубре на плажите. Производителите ќе мора да ја намалат пластиката во нив за 50% до 2025, односно за 80% до 2030 година. Друг амбициозен проект предвидува 90% од пластичните шишиња да се рециклираат до 2025 година.

Според истражувањата на Европската Унија, околу 150.000 тони пластика секоја година завршуваат во европските води.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top