| четврток, 6 декември 2018 |

Фантастичен роман за млади од полската авторка Дорота Тераковска

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство го најавува објавувањето на романот „Маѓепсница“ од полската писателка Дорота Тераковска. Книгата е добитничка на Наградата на Светскиот совет на книги за млади (IBBY). Преводот на македонски е на Милица Миркуловска.

Длабоко во шумата, далеку од светот на луѓето, пред златокосото девојче со име Луеле е отворен светот на маѓепсничките вештини. Таа уште од мали нозе „голта“ магични книги, совладува како да чита мисли, да разговара со ѕвездите, учи да стане маѓепсница. Но не може да насети зошто го прави тоа, зошто, и покрај големите опасности, мора да патува на сите четири страни на Великото Кралство.

Стотина години порано, нејзината земја е освоена од свирепите варвари. Според она што е запишано во таинствената Песна, сега, 777 години подоцна, се ближи крајот на нивното владеење. Дали поробената земја најпосле ќе се ослободи од рацете на Освојувачите? Дали на престолот ќе седне праведен владетел? Дали Луеле ќе успее да порасне? Дали ќе се исполни пророштвото?

„Маѓепсница“ е првиот успешен обид да се напише фантастичен роман од рамништето на Толкин и Урсула Ле Гин и е една од најубавите фантастични сказни на сите времиња. Од 1994 година впишано на Светската листа „Ханс Кристијан Андерсен“, ова ремек-дело е уживање за сите генерации читатели.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Дорота Тераковска (1938-2004) е полска писателка и новинарка. Дипломирала социологија во Краков. Работела како редактор, публицист, била член на полското Здружение на новинари, писатели и сценски автори и композитори. Таа е призната авторка на фантастични книги за деца и млади, кои со задоволство ги читаат и возрасните.

Милица Миркуловска (1965) е редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и преведувач од полски на македонски јазик од 1989 година. Има преведено 4 научни монографии (лингвистика и етнологија) и 11 дела од постарата и поновата генерација полски автори, меѓу кои и двајцата нобеловци Х. Сјенкјевич и Ч. Милош, како и С. Лем, Ј. Пилх, А. Сташук, А. Тушињска, К. Варга, М. Парис, Д. Тераковска и други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top