| четврток, 6 декември 2018 |

Скопјанец засадил скап зачин во кој се капела и Клеопатра

Шафранот е познат како зачин во кој се капела и кралицата Клеопатра а на територија на Скопје го одгледува Стојче Петровски, пишува „Фактор“.

Тој пред три години почнал да го одгледува овој зачин а искуството да се занимава со шафран го добил од пријатели од странство.

„Идејата ја проучувам малку подолго и искуствата ги „вадев“ од пријатели од Хрватска, Холандија и Швајцарија, по што се одлучив да одгледувам шафран. Самиот шафран не бара многу агротехнички мерки. Пред да се стави во земја, а тоа се сади крај на август почеток на септември, бара претходно есенско, пролетно орање на земјиштето и пред самото садење фрезирање на површината“, додава Стојче кој вели дека шафранот не бара вода, исклучиво ако во летниот период не падне 30-40 дена дожд може малку да се освежи, исто така и е отпорен на мразеви до -20 во земја.

Додава дека организиран пласман нема, но тој го нуди шафранот на домашниот пазар. Овој зачин има примамлива цена.

„Пласман за шафранот нешто регулирано нема, ама има голема побарувачка како на светскиот, така и на домашниот пазар. Шафранот се продава преку интернет мрежите и посебни сајтови. Јас го продавам во Македонија, а подготвувам и други работи со шафранот кои се во процес на формирање. Цената на шафранот се движи од 4000-5000 евра, па нагоре по килограм. Во Македонија сѐ уште не е познато ова божје растение кое нашите предци го имаат донесено од Персија за времето на Александар Македонски, со тоа што во оној дел кој бил македонски во Грција до ден денешен се одгледува и е еден од поквалитетните шафрани во светот. Во последно време има доста заинтересирани за одгледување на шафран во Македонија, ама сѐ уште се бориме со бирократијата за што се надевам дека за брзо време ќе ги решиме сите нерегулирани работи“ – раскажува Петровски.

Цената на шафранот зависи од квалитетот. Во народот шафранот е познат како златна или божја миродија.

Ва­жи за билка која по­ма­га при ва­ре­ње­то, но нај­важ­но е што има по­се­бен, из­во­нре­ден вкус, а на ја­де­ња­та им да­ва по­себ­ност ка­ко ни­е­ден друг за­чин.

Шафран најмногу се произведува во Иран, околу Мeдитeранот, во Франција, Шпанија, Мароко, Грција, Турција, Италија и Австралија. Годишното производство изнесува околу 200 тони. Во Иран се произведува приближно 170 до 180 тони годишно.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top