| четврток, 6 декември 2018 |

Коѕијас: Оставката е чин на одговорност

Поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, на неговиот официјален Твитер профил пишува за поткопување на честа, репутацијата и достоинството со лаги и клевети и објаснува дека „оставката е чин на одговорност”.

-Со лаги, клевети ја поткопуваат мојата чест, репутацијата и достоинството. Изнудувачи, корумпирани, „пиштоли на системот” го поткопуваат достоинството и честа на оние кои се противат. Така, удираат по функционирањето на демократијата. Оставката е чин на одговорност, напиша Никос Коѕијас на неговиот официјален Твитер профил, без да прецизира на што и на кој се однесува оваа негова порака.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, за твитот на поранешниот шеф на грчката дипломатија, реагираа од опозициската Нова демократија, прашуваат кои се „уценувачите и корумпираните” и уште еднаш, индиректно, бараат да се објави оставката на Коѕијас.

-Зошто беше отстранет господинот Коѕијас и на кого мисли поранешниот министер кога вели „изнудувачи и корумпирани” кои “удираат по демократијата”? Сѐ додека не се објавува писмото со оставката на Коѕијас, се потврдува дека Ципрас, Коѕијас и Каменос, меѓусебно се уценуваат за да не се открие вистината, соопштуваат од Нова демократија.

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас кој е и лидер на движењето на идеи и активности „Прато”, вечерва ќе одржи говор во Ираклио, на грчкиот остров Крит. Настанот е организиран од неговото движење, а ќе говори на тема „Грција во свет кој се менува”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top