| четврток, 6 декември 2018 |

Заев: Денес напишавме историја што ќе ја раскажуваат идните генерации

Денес е историски ден, заедно напишавме историја, рече премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата што ја одржа откако Собранието ја изгласа одлуката за пристапување кон уставните измени.

„Со двотретинско мнозинство зачекоривме кон западните сојузи. Македонија ќе биде дел од ЕУ и НАТО. Со оваа историска одлука нашиот пристап во НАТО ќе продолжи и в година ќе почне процесот за ЕУ“, порача премиерот.

Тој најискрено му се заблагодари на секој пратеник што ги поддржал уставните промени, особено, како што рече, на храбрите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што се ставиле над партиските интереси и покрај притисокот на раководството.

„Граѓаните се гордеат со вакво Собрание. Бидете сигурни дека како премиер давам збор дека ќе ја гарантирам безбедноста. Ја изградивме државотворната коалиција. Заедно ќе ги усогласиме амандманите и заедно ќе работиме на националното обединување. Ќе се фокусираме и на реформите за право и правна држава“, истакна Заев.

Премиерот додаде дека процесот на гласање бил транспарентен, при што се водело грижа за пријатна армосфера и истакна оти е убеден дека во процесот ќе се приклучат повеќе од 25 пратеници.

„За мене, сите пратеници се исти, никој не е виновен додека не се докаже вина, пораката за помирување охрабри“, рече Заев во однос на прашањето за ослободувањето на Мукоски.

Додаде и дека помирувањето подразбира преку работни групи да се изнајде начин за национално помирување.

„Нема потреба да бараат заштита, обезбедена е гаранција за нив и нивните семејства, институциите ќе реагираат ако има потреба“, рече премиерот во однос на пратениците што гласаа.

Заев истакна и дека имало и други пратеници, кои начелно даваат поддршка, но не гласале „за“ и додаде дека има шанса овој процес да се заврши и со 120 гласа „за“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top