| четврток, 6 декември 2018 |

Новиот закон за медиуми отиде во собраниска процедура

zakon za mediumi

Двата закона за медиумите, закон за медиуми и законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по усвојувањето од Владата, влезе во собраниска процедура.

 

Иво Ивановски, министерот за информатичко општество, под чија надлежност се овие закони, денеска изјави дека поделбата на два закона произлезе од препораките на Советот на Европа и барањето на Здружението на новинари, како и од забелешките на ОБСЕ.

Регистрацијата на медиумите/порталите ќе се врши во Централниот регистар, како било кое друго трговско друштво, а не во новата Агенција за медиуми и аудиомедиумски услуги, со штo се задоволува уште една забелешка на ОБСЕ и на Советот на Европа.

„Членот за саморегулација се брише по препорака на ОБСЕ. Би сакал од ова место да ги охрабрам медиумите во Македонија сериозно да посветат внимание на оваа тема, а не само декларативно. Нашата цел беше да се поттикне саморегулацијата, а во ниту еден случај да се регулира или ограничи со овој закон“, изјави Ивановски.

Со Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги ќе се обезбеди развој на независната продукција, поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, јазикот и традицијата на заедниците во Република Македонија, почитување на културните и религиозните разлики, како и развој на медиумската писменост.

„Со новото решение намален е мандатот на членовите во советот на Агенцијата од девет на седум години, по препораката од Советот на Европа и ОБСЕ. Исто така, намален е мандатот на директорот на Агенцијата од осум на седум години“, рече Ивановски.

Во однос на институциите кои што номинираат членови во советот на Агенцијата, има повеќе членови од цивилното општество, а намален е бројот на претставниците од Собранието на Република Македонија и од ЗЕЛС. Во новиот текст, покрај претставник од мнозинското здружение на новинари, по еден член предлагаат и Адвокатската Комора, (како предлог прифатен од ЗНМ), како и Интеруниверзитетската конференција. Покрај овие три члена, Собранието и ЗЕЛС ќе предложат по два члена.

„Радиодифузерите се обврзани дневно да емитуваат најмалку 30 отсто програма изворно создадена во Република Македонија на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници кои живеат во Република Македонија, почнувајќи од 2014 година. Од 2015 година, обврската од 30 отсто се зголемува на 40 отсто, додека од 2016 година, од 40 отсто се зголемува на 50 отсто“, вели Ивановски.

Јавниот радиодифузен сервис е обврзан дневно да емитува најмалку 40 отсто програма изворно создадена во Република Македонија на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници кои живеат во Република Македонија. Од 2016 година, обврската од 40 отсто се зголемува на 50 отсто.

Министерот Ивановски напомена дека поради летните одмори се отвора можност за најмалку четири дополнителни недели за расправи и дискусии пред да се одржи второто читање на законот.

„Ги повикувам сите заинтересирани страни да се обратат до МИОА доколку имаат дополнителни предлози да се состанеме и да дискутираме за нивните ставови. За оние кои што не сакаат да седнеме на иста маса, апелирам да ги достават своите предлози на www.ener.gov.mk или преку електронска пошта“, рече Ивановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top