| четврток, 6 декември 2018 |

Петмина за убиството на Кашоги се идентификувани: Новинарот бил дрогиран, убиен и исечен на делови

Турската полиција идентификувала пет лица осомничени за убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги, а четворица од нив наводно се поврзани со принцот Мухамед бин Салман, објави „Дејли сабах“ повикувајќи се на извештајот на американските медиуми.

Еден од осомничените е Махер Абдулазиз Мутреб, кој има блиски врски со саудискиот принц, а на фотографиите се гледа со принцот во Мадрид и Париз, пишува „Њујорк тајмс“. Тој бил виден со принцот и за време на посетите на САД и Велика Британија.

Втор осомничен е Абдулазиз Мухамед Ел Хавсави, член на обезбедувањето на принцот Салман, чија положба беше обелоденета од француски професионалец кој претходно работел со кралското семејство.

Тхар Галеб Ел Барби е третиот осомничен, кој е високопозициониран кралски чувар, кој поради неговите способности, е префрлен во касарната во Џеда. Четвртиот е Мухамед Саад Алзахрани, кој патувал со пасош на име од друг член од обезбедувањето на кралското семејство.

Последниот осомничен е доктор Салах Ел Тубаиги, шеф за форензички докази во Секретаријатот за општа безбедност во Саудиска Арабија, кој патувал во Истанбул како дел од саудиска експедиција и наводно го исекол телото на Кашоги.

Како што пишува „Њујорк тајмс“, турските власти идентификувале најмалку девет од 15 осомничени, кои се поврзани со саудиските воени, владини или безбедносни служби.

Во извештајот се наведува дека тие се пренесени со авион на приватна саудиска авиокомпанија, која е директно поврзана со принцот и саудиското Министерство за внатрешни работи. Турски висок претставник изјавил за „Њујорк тајмс“ дека Кашоги бил дрогиран, убиен и дека неговото тело било исечено на делови на 2 октомври во саудискиот конзулат во Истанбул.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top