| четврток, 6 декември 2018 |

Одбележување на Светскиот ден на храната – 821 милион луѓе во светот гладуваат

Денеска, со почеток во 10:30 часот, во ООУ ,,Аврам Писевски”, село Бардовци, Скопје, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со ООУ „Аврам Писевски” и граѓанските организации ,,Слоу фуд Водно” и „Ајде Македонија” ќе го одбележат Светскиот ден на храната, под мотото „Нашите дејствија се наша иднина. Свет без глад до 2020 година е возможен”.

Секоја година на 16 октомври го славиме Светскиот ден на храната и се фокусираме на тема што е во сржта на работата на ФАО и претставува клучно прашање што влијае на нашиот свет. Темата за оваа година е посветена на Целта за одржлив развој 2 – Свет без блад (Zero Hunger), коja не само што се фокусира на искоренување на гладот во светот, туку и на постигнување подобрена исхрана и одржливо земјоделство.

Настанот во Скопје оваа година се фокусира на младите генерации, т.е. потребата од заеднички напори во градење на генерацијата на свет без глад (или Zero Hunger Generation). Децата и младите се дел од генерацијата што може да го искорени гладот од планетата. Тие можат да научат како со менување на едноставни секојдневни навики можат да се хранат поздраво, да го намалат отпадот, паметно да ги користат природните ресурси и да водат поодржлив животен стил.

,,Со промоција на новата училишна градина во ООУ ‘,Аврам Писевски’, с. Бардовци, Скопје имаме за цел да ја подигнеме јавната свест и поддршката за училишни градини како ефективен концепт за практична едукација кој може да помогне да се зголемат знаењето, љубовта и почитта на младите генерации кон производството на храна и здравата исхрана, со посветеност кон животната средина и грижа за заедницата”, се вели во соопштението.

По период на намалување, светскиот глад е повторно во пораст. Според последниот извештај на ФАО, денес преку 821 милиони луѓе страдаат од хронична неисхранетост. Конфликти, екстремни климатски настани и економска стагнација го враќаат назад напредокот направен во борбата против гладот во светот, а истовремено растат нивоата на прекумерна тежина и угоеност. Светот може да постигне свет без глад – искоренување на гладот и неисхранетоста – доколку државите, претпријатијата, мултинационалните корпорации, фармерите, производителите на храна преземат низа активности.

• Светот произведува доволно храна за да ги нахрани сите, а, сепак, околу 821 милиони луѓе страдаат од глад. Тоа е еден од девет луѓе. 60% од нив се жени.
• Околу 80% од екстремно сиромашните во светот живеат во рурални средини. Повеќето од нив зависат од земјоделството. Ова значи дека треба да работиме на развој на земјоделскиот сектор и обезбедување подобри можности за земјоделците.
• Гладот убива повеќе луѓе на годишно ниво отколку маларијата, туберкулозата и сидата заедно.
• Околу 45% од смртните случаи кај новороденчињата се поврзани со неисхранетост. Гладувањето и понатаму е секојдневие за 155 милиони деца на возраст под пет години, што го зголемува ризикот од болести, предвремена смрт и забавен ментален развој.
• 1,9 милијарди луѓе – повеќе од една четвртина од светското население – се со прекумерна тежина. 600 милиони од нив се дебели и дебелината е се позастапена насекаде со забрзано темпо.
• ФАО проценува дека земјоделското производство мора да се зголеми за околу 60% до 2050 година, со цел да се нахрани побројното и генерално побогатото население во иднина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top