| четврток, 6 декември 2018 |

Само еден авиопревозник се пријавил за субвенционирање на нискобуџетни летови

Само еден авиопревозник се пријавил за субвенционирање на нискобуџетни летови на јавниот повик од Министерството за транспорт и врски чиј што рок истече пред почетокот на изминатиот викенд, пишува „Фактор“.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека преостанува да се заврши евалуацијата, односно да се види дали авиопревозникот ги задоволува критериумите од повикот, иако извесно е дека единствениот пријавен е компанијата „Визер“.

– Најверојатно во среда ќе биде познато дали единствениот конкурент ќе ги задоволи критериумите. Стручната проценка ја врши комисија составена од Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за воздухопловство и Владата. Овој повик не е како оној од 2015-та, бидејќи условите се построги, односно се бара покривање на дестинации од аеродоромот Св.Апостол Павле во Охрид, што прави суштинска и многу важна разлика во барањата – велат од Министерството за транспорт и врски.

Министерството за транспорт и врски во август ја поништи постапката за доделување финансиска поддршка на авиопревозници, бидејќи во понудата на „Визер“ како единствена пријавена компанија не бил наведен полниот назив и адреса на авиопревозникот, по што минатиот месец беше објавен нов повик.

Претходно, во јуни на „Визер“ му истече тригодишниот договор, но и без субвенции во последните три месеци овој авиопревозник „гази“ неприкосновено и кај нискобуџетните и кај стандардните компании. Во севкупна конкуренција на крајот од март, односно по првиот квартал кога „Визер“ бил под субвенции држел 59,6 отсто од бројот на летови, пред Аустријан ерлајнс со 7,5 отсто и Туркиш ерлајнс со 7,4 отсто. По првите три квартали, односно на крајот од септември кога „Визер“ е без субвенции бележи раст во структурата со 60,3% удел на пазарот, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс (7,8%), Аустријан ерлјанс (5,7%).

Според последниот квартален извештај на „Визер“, уште повеќе доминира меѓу нискобуџетните во Македонија, а тука има убедлива предност во Македонија од 92 отсто, пред Пегасус ерлајнс со 5,1% и ФлајДубаи со 2,9%. Од сите европски земји каде што се застапени, први кај нискобуџетните се уште и кај Романија, Украина, Унгарија, Бугарија, Летонија, Србија, Грузија и БИХ, но никаде не надминуваат повеќе од 60 отсто од летовите и обично блиску го делат пазарот со еден или два конкуренти во структурата.

Корисникот на финансиската поддршка треба најдоцна до 10 Јануари 2019 година да воспостаи база од најмалку еден воздухоплов (авион) на еден од аеродромите во Македонија и да започне со оперирање на најмалку две нови дестинации од „Меѓународен аеродром Скопје“. Да започнат со оперирање на најмалку четири нови дестинации од аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, првите две до 10 Јануари 2019 година, а останатите во рок од една година од денот на склучување на Договорот и истите да ги опслужуваат за периодот за кој се доделува финансиската поддршка,

Владата ќе му додели еднократна финансиска поддршка во износ од 40.000 евра за секоја нова дестинација воведена од „Меѓународен аеродром Скопје“ и аеродром „Св. Апостол Павле“ – Охрид. За секоја нова дестинација воведена за периодот за кој се доделува финансиската поддршка од „Меѓународен аеродром Скопје“ ќе се додели финансиска поддршка во износ од: 9 евра по патник во заминување во првата година од договорот, 8 евра во втората година од договорот и 7 евра во третата година. За секоја нова дестинација воведена од аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид ќе се додели финансиска поддршка во износ од 13 евра по патник во првата година, 12 евра по патник за втората година и 11 евра за третата година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top