| четврток, 6 декември 2018 |

Во Музејот на Македонија се подготвува изложбата „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“

Во Музејот на Македонија во тек се подготовките на изложбата „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“ што се реализира во соработка меѓу Музејот на Македонија и Музејот на африканската уметност од Белград.

Оваа изложба за првпат во Македонија ќе претстави африкански експонати, што претходно можеа да се видат само во светските музеи или во документарните фимови. Ова е прва можност македонските граѓани да се запознаат со африканските култури и да ги видат мноштвото скулптури и маски што како светско културно наследство ќе бидат изложени во Музејот на Македонија.

Изложбата претставува еден од најголемите музеолошки настани во изминатиот период во Македонија. Поради тоа, но и поради врските со африканската култура, оваа изложба е поврзана и со програмата на Скопскиот џез фестивал којшто ќе се реализира во истиот период. Со оглед на ексклузивноста на изложбата предвиден е нејзин софистициран дизајн, што ќе овозможи поамбиентално доживување на уметничките вредности и обредната улога на експонатите.

Оваа двомесечна изложба се реализира како резултат на соработката меѓу НУ Музеј на Македонија и Музејот на африканска уметност во Белград, кој во својата обемна колекција има предмети од повеќе народи од Африка. За оваа изложба тие селектираа скулптури, маски и ткаенини што се поврзани со култовите на плодноста и предците, како и со обредите за иницијација и погребувањата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top