| четврток, 6 декември 2018 |

Светска банка ќе ѝ стави на располагање околу 400 милиони евра на Македонија

Светска банка ќе ѝ стави на располагање околу 400 милиони евра на Македонија за проекти во следните четири години. Ова беше истакнато на годишните средби на ММФ и Светска банка на кои учествува македонска делегација предводена од министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерот на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска.

За пакет проектите и новата стратегија за соработка со Светска банка, како што соопшти Министерството за финансии, е зборувано на состанокот на македонската делегација со потпретседателот на Светска банка, Сирил Мулер и директорот за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер.

Со овие средства ќе се поддржи подобрувањето на конкурентноста на приватниот сектор, развојот на вештини и создавањето на повеќе можности за најранливите категории, како и подобрена институционална и фискална одржливост.

– Со новата стратегија 2019-2023 ќе се вложат значајни средства во подобрување на конкурентноста на македонската економија и постигнување на инклузивен и одржлив раст. Тоа може да се постигне преку подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, заштита на најранливите категории и отворање нови можности за нив, како и зајакнување на институциите и одржливоста на јавните финансии. Станува збор за околу 35 проекти од областа на поддршка на бизнисот, транспорт и врски, здравство, социјална заштита, труд и социјала, информатичко општество и администрација, образование и наука, животна средина, финансии и земјоделство, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Во рамки на овие 35 проекти планирани се и инфраструктурни проекти за рехабилитација на национални, регионални и локални патишта во периодот од 2019 до 2021 година.

Планирани се и проекти за поддршка на приватниот сектор преку микрофинансирање, советодавни услуги, поддршка за технолошка модернизација и поддршка за иновации. Ќе се поддржат и инвестиции во обновливи извори на енергија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top