| четврток, 6 декември 2018 |

Се случил ли во Драчево нов случај ,,Саздо” и ,,Мартин Нешковски”?

Граѓански активисти на социјалните мрежи обвинуваат дека во Драчево минатата недела се случил инцидент во кој со ножеви биле нападнати две лица, напаѓачот е син на моќник близок на власта, а полицијата се обидува да го забошоти случајот, пренесува порталот Експрес.мк.

„Пред два дена во кафе бар во Драчево се избодени со нож две лица, сопственикот и негов другар, за банална причина, “пушти српска музика”, и во ниеден билтен или вест не се кажува пошто извршителот е син на човек близок до власта, а сопственикот се бори за живот”, објави на Твитер активист кој не го открива својот идентитет.

Во билтенот на МВР информацијата за настанот што се случил на 7 октомври е објавена дури на 10 овој месец.

,,Секторот за внатрешни работи Скопје, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Е.Р.(23) и А.Т.(21), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „насилство”.  На 07-ми овој месец во 22.30 часот во кафе бар на улица „Иван Хаџи Николов“ во Скопје, додека сопственикот Д.С. седел со лицето А.П, дошле пријавените Е.Р. и А.Т. и физички ги нападнале, при што на Д.С. и на А.П. им се нанесени и повреди со нож во пределот на градниот кош. Нападнатите се здобиле со тешки телесни повреди, по што се пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде им била укажана лекарска помош. По настанот, сторителите биле приведени и задржани во полициска станица”.

МВР во своето соопштение вели дека е поднесена кривична пријава за насилство, а не за обид за убиство, слично како во случајот “Саздо“, во кој напаѓачите кои го избодоа Никола Саздовски со нож до смрт првично добија кривична пријава за насилство, која, откако тој почина, беше преименувана во убиство извршено на свиреп начин.

Доцнењето на информацијата за настанот во полицискиот билтен отвора сомнеж дека полицијата сака да го заташка случајот и да го заштити сторителот кој според активистот е син на човек близок на власта.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top