| четврток, 6 декември 2018 |

Илија Димовски: Доколку се заврши оваа процедура, одговорно тврдам дека покрај Преамбулата, во Уставот ќе бидат променети најмалку 51 член (видео)

Илија Димовски, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ во македонското собрание, денеска се обрати во рамките на дискусијата на Комисијата за уставни прашања. Во продолжение го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето на Димовски.

Веројатно ова е една од точките во животот кој што секој од нас присутен во оваа сала ќе ги памти и ќе ги раскажува на следните поколенија како се поставил во одредена ситуација, можеби и најбитната во животот како предизвик и оттука мораме да постапуваме онака како што разумот и срцето ни зборува колку и да е тешко, колку и да имаме лични судири во своите убедувања едноставно мораме да постапуваме така како што размислуваме.

Прво не сакам да дозволам никој во оваа Собрание и во оваа држава да пледира дека е поголем европјанин, или поголем НАТО, ПРОНАТО човек од историското ВМРО.

Обидите на СДСМ и на дел од албанските колеги да го стават ВМРО на другата страна се дневно политички, правејќи го ВМРО баба рога си ги покриваат своите слабости во испорачување на резултати, но штетно е тоа и апелирам да престане таа кампања против ВМРО.

Да расчистиме иако може Владата на Република Македонија да достави ваков документ самиот факт дека во денешниот документ ги немаме Нацрт амандманите на Уставот, доволно зборува дека дури и Владата има сомнеж дека не е моментот да се објават Нацрт амандманите во нејзината целосна смисла. Фактот дека министерот за правда одбива да биде застапник на владата тука, па макар и како потписник на документот, а тоа секогаш до сега се случувало, следствено и на некои изјави кои што ги имаше министерот за правда , исто така долива гориво дека имаме сомнеж каков ќе биде текстот на Нацрт амандманите.

Додека не се види текстот на Нацрт амандманите секоја дискусија можеме да е погодување или желба или интенција. Од владата да ги направи поубави, од опозицијата да ги направи понеубави. Многу е неодговорно тоа што владата уште пред референдумот а камо ли сега не го извади финалниот текст на Нацрт амандманите. На пример, владата цело време тврди дека ќе се менуваат само Преамбулата и два или три члена. Тоа не е точно. Доколку се заврши оваа процедура, одговорно тврдам дека покрај Преамбулата, во Уставот ќе бидат променети најмалку 51 член. Најмалку 51 член на Уставот ќе бидат променети.

Прашањето дали од уставно правен карактер тоа може со еден амандман или ќе треба 51 амандман ќе го дискутираме понатака. Невозможно е со еден амандман. Но, кажете и на јавноста дека нема да бидат три или четири амандмани туку дека ќе бидат преамбула и 51 амандман, исто така ова доволно е да се развие сомнеж и кај опозицијата и кај граѓаните дека се уште нешто се крие од финалниот пакет на договорени работи.

Понатаму, референдумот е апсолутно неуспешен, но колеги дозволете ми. Кога менувате правен акт, правниот акт не можете да го менувате со процедура предвидена во понизок правен акт, или во превод Устав не можете да менувате во процедура предвидена со Закон за референдум. Устав можете да менувате само во процедура предвидена во Устав, а Уставот на Република Македонија не предвидува консултативен референдум .

Уставот на Република Македонија препознава единствено референдум кој што е успешен ако на него излегле најмалку половина од запишаните гласачи и од нив најмалку половина плус еден гласале за. Така да повикувањето на консултативен референдум е апсолутно невозможно.

Не можете да менувате Устав во процедура предвидена со Закон, ниту пак можете да менувате Деловник на Собрание со одлука. Ниту можете да менувате Закон на Република Македонија со уредба на Влада. Не можете повисок акт да менувате со процедура напишана во понизок акт. Затоа одлуката од референдумот од 30-ти септември според Уставот на Република Македонија е задолжителна, а одлуката од референдумот од 30-ти септември ја има соопштено во Службен весник на Република Македонија, Државната Изборна Комисија.

Односно граѓаните на Република Македонија, вакви такви, Македонци, Албанци, Срби, Бошњаци, Турци, Роми, присутни, неприсутни гласале во дијаспора, гласале во Македонија, не гласале, кажаа дека овој Договор не е прифатлив, според Уставот на Република Македонија.

Тоа е едниот елемент, а другиот елемент, дали некој од пратениците овде има личен мандат и личен легитимитет да гласа. Два елементи се, прво никој од нас не влезе во избори и кажа дека ќе гласа за промена на Уставот на Република Македонија и промена на уставното име. Ниту еден од нас, дури ни колегите Албанци, напротив имаше колеги од СДСМ и нивните коалициони партнери кои што велеа дека доколку дојде до тоа, тие први ќе експлодираат против Зоран Заев , не сакам да споменуваа имиња.

Значи ниту еден од нас на избори не го доби овој легитимитет. Втора работа на референдум кој според мене е задолжителен исто така не добивме легитимитет да влегуваме во оваа процедура.

Трета работа ќе било лесно да се решаваат државни работи и за Бранко Црвенковски, Киро Глигоров, Борис Трајковски, Никола Кљусев и за Никола Груевски, ако требало сами да ги решаваат.

Немојте да пледирате дека оваа генерација на политичари е попаметна или помалку паметна од генерацијата на Глигоров и Кљусев, од генерацијата на Црвенковски и Ѓорѓиевски или од било која генерација.

Одлуката СДСМ сама да влезе во овој процес е одлука која што го погреба овој процес неколку елементи. Одлуката да се пристапи без учество на ниту еден претставник од  опозицијата, макар и како експерт, а опозицијата има барем четворица луѓе кои што го знаат проблемот на ниво на професионалност, е погрешна одлука. Одлуката да се потпише договорот пред да и се покаже на опозицијата во содржинска смисла како што беше примерот на договорот со Бугарија, е штетна одлука исто така.

Значи договорот со Бугарија го видов. Го видовме јас, Вељаноски, Димитриев, Поповски, Милошоски и некои други колеги од ВМРО-ДПМНЕ дадовме 5 забелешки, дали се прифатија, не се прифатија не сакам да коментирам, но имаше институционална форма во која што пред да биде потпишан договорот со Бугарија опозицијата имаше можност да го види и да се произнесе. Овој пат таа можност ја немаше, втората стратешка грешка.

Третата стратешка грешка за која што јас силно се спротивставував, е одлуката на СДСМ без ВМРО-ДПМНЕ да распише референдум. Извинете тие се три грешки во процесот кои што без разлика дали имало волја ВМРО или немало волја ВМРО, тоа може да е оправдување, но се одлуки донесени од СДСМ и тие е одлуки ја доведоа Република Македонија во оваа состојба. Да нема цензус на референдумот и да нема можност во Собрание да се направи консензус, за излегување од оваа ситуација.

Затоа поголема е одговорноста на СДСМ, отколку на ВМРО-ДПМНЕ од аспект на овие три клучни погрешни одлуки.

Договорот таков каков што е сите велат многу е лош, јас да одговорам мислам дека во еден период пред референдумот дел од  протестите во Грција, палењето на одредени институции, дури и изјави на некои грчки политичари беа во насока да се даде ветер во грб да успее референдумот тука, мое лично мислење. Но, ќе оставиме за понатаму, мислам дека Грција не можеше да добие подобра ситуација од оваа, не велам дека ние сме во лесна ситуација како држава, апсолутно ги разбирам аргументите дека нас ден поскоро ни треба членство во НАТО, ден поскоро ни треба почеток на преговори со Европската Унија, никакви дилема немам тука, апсолутно, но прашањето е дали овој договор ќе биде договор кој што Американците или Англичаните  го викаат „Sustainable“, оддржлив, дали ова дава оддржлива ситуација.

Јас не спомнував бројки  никогаш , но господинот  Џеват ме предизвика со бројките. Но, само 300.000 Македонци  округло дале поддршка на референдумот за овој Договор.

Не, случајно во едни други лоши времиња , кога се потпишуваше Охридскиот Рамковен Договор, се трошеа денови и денови, месеци и месеци да се преговара, ништо друго не работеа партиските и политичките државни органи. Беа сместени во Охрид и преговараат се до момент се додека не најдоа заедничко решение. Не случајно зошто, заради некој мудар тогаш проценил дека без двете политички крила на Албанска страна и без двете политички крила на  македонска страна таков стратешки Договор е невозможен да живее.

Ваков стратешки Договор без политичка поддршка од двете македонски идеолошки крила е невозможно да живее.

Нема да навлегувам сега во содржината на објаснување на  членовите од оваа иницијатива, зошто тргате едни документи од АСНОМ, зошто ставате други документи,во кои документи од АСНОМ се повикуваме, на што во првите на едно малце по самостоен и суеверен пристап, во вторите документи се повикувате малце повеќе се повикуваме на федеративниот пристап со Југославија, ќе оставиме тоа да го дискутираме друг пат.

Ниту пак господинот Џеват Адеми  не го повикав да ми каже дали себе си се смета за дијаспора  на Република Албанија  или автохтон жител на Република Македонија, Албанец, од  аспект на претходната дискусија и дали господинот Џеват Адеми очекува неговите права да ги штити Република  Албанија како дијаспора  или сака да ги има своите права како рамноправен на себе, на мене, Албанец од Македонија.

Знам кој е одговорот, затоа не го прашав. Го знам одговорот, но сакам да ми помогнеш господине Џевад Адеми да се објасниме со колегите од СДСМ дека Македонецот роден во Голо Брдо во Албанија или во Мала Преспа, Македонецот роден во Лерин или во Воден, Македонецот роден во Благоевград или во Мелник, Македонецот роден во Гора или во Врање е автохтон, не е дијаспора, тој не е дијаспора.

Зошто ги исклучуваме Македонците од соседните држави? Таа сентенца од Уставот која што стои од  1991 година не случајно е ставена. И кога велиме во тој дел од Уставот, во тој Член 49, велиме Македонија, не велиме Република Македонија.

Прашајте ги постарите правници кои што го пишувале Уставот зошто секаде каде што се споменува зборот Македонија во Уставот пишува Република Македонија, а единствено во членот кај што зборуваме за Македонците во соседството и дијаспората македонска не стои Република Македонија туку стои Македонија. Сигурно имало причина зошто тој е единствениот член без уставната одредба.  Така да бидете внимателни околу тоа, но за тоа ќе имаме понатаму суштинска дискусија.

Многу пати сте поставиле прашање која е алтернативата, многу пати сте кажале дека ова е прашање на живот или на смрт, оттука натака и настапуваат  лоши моменти. Јас никогаш не сакам така да гледам кон работите, сите имаме доволно и животно искуство и професионално искуство и лично искуство, знаеме дека едноставно некои лоши моменти треба да се соочиме со нив и да бараме решенија, да останеме позитивни.

Има решение почитувани колеги.

Решението е заедништво, единство и консензус. Тоа е решението, но не под диктат на едната страна.

Заедништво, единство и консензус.

Почитувани колеги пратеници,

Собранието на Република  Македонија во 2008 година донесе Резолуција за изнаоѓање на стратегија за наметнатиот спор од страна на Република Грција за нашето уставно име.

Оваа резолуција која што има императивно значење, затоа не е декларација вели во својот дел:  „тргнувајќи од консензуалната определба на граѓаните и на сите политички субјекти, дека решавањето на спорот со Република Грција за името на Република Македонија е прашање од највисок државен и национален интерес, изразувајќи го недвосмислено цврстиот став дека одбраната од негирањето на името на нашата држава, на идентитетот на македонскиот народ, јазик, историја, култура и заштита на македонското национално малцинство претставува императив на политичкото дејствување на Република Македонија. Ова е консензуален документ.

Вие исклучувате елементи од овој документ. Во друг дел овој документ вели „ценејќи дека обединетата позиција на државниот врв, во преговорите на Република Македонија со Република Грција за решавање на спорот со името е од исклучително значење за засилување на преговарачката позиција на Република Македонија“, понатаму вели „ со државната стратегија е неопходно да се одбрани името, највисоките државни и национални интереси и да се зачува идентитетот на македонскиот народ, јазик, историја, култура и постоењето на национално малцинство во соседните држави и да се афирмира позицијата на Република Македонија како суверена и самостојна држава“.

За оваа Резолуција која што има императивно значење гласале сите пратеници во Собранието на Република Македонија.

Почитувани колеги,

Кое е решението, која е алтернативата, заедништво, единство и консензус.

Да се вратиме на овој документ и оттука да го црпеме легитимитетот за секоја следна постапка.

Што значи тоа,? Собранието на Република Македонија треба да ги реафирмира позициите кои што веќе биле обезбедени со консензус. Ние имаме еден куп резолуции, декларации во Собранието кои што одат во насока на ЕУ и НАТО.

Првите не се предлог на ПДП.  Првите резолуции и декларации за ЕУ и НАТО интеграции се предлог на ВМРО.

Почитувани колеги,

Да се вратиме на оваа Резолуција од 2008 година и да го обезбедиме заедништвото , единството и консензусот и да изградиме заеднички позиции, попатно да побараме стратешко партнерство со НАТО сојузот, по примерот со стратешкото партнерство што го имаме со Соединетите Американски Држави и Република Турција и да побараме од тие два наши стратешки партнери да бидат спонзори во тој процес.

Собранието да побара засилен скрининг и комуникација со ЕУ и да пробаме да изградиме национални позиции и државни позиции врз база на принципот заедништво единство и консензус со кој што ќе пристапиме на решавање на овој проблем.

Ако било вака лесно веројатно и Глигоров ќе го решел проблемот ако било вака лесно веројатно и Црвенковски ќе го решел проблемот и Кљусев и Ѓеоргиевски и Груевски и Трајковски, но не е лесно заради тоа што во прашање се идентитетски прашања кој што Господине Адеми немаат само емоционално значење, имаат значење за опстанок на една нација.

Да ве потсетам во една дискусија  кога дискутиравме за употребата на албанското знаме во Република Македонија ние молевме и велевме дајте да ставиме една цртка, една точка ,едно боиче во ќошот димензијата да ја видиме за албанското знаме вие велевте господине Џеват Адеми дека албанското знаме како симбол е идентитет на албанскиот народ насекаде во светот.

Ние го испочитувавме  тоа.

Ние го испочитувавме тоа господине Џеват Адеми. Ве молам испочитувајте го и тоа што ние ви го велиме.

Седум осминскиот такт не е создаден на територијата на Република Македонија, ,,За Македонцките работи’’ од Крсте Петков Мисирков не е напишана во Република Македонија, Унијатското движење од крајот на 19 век не е од Македонија. Гоце Делчев не е роден во Македонија, Турунџев не е роден во Македонија, Ибрахим Оџа не е изиграна тука. Дафино вино е пеена за Каракамен планина која што не е тука господине Џеват Адеми.

Да сите сме се откажале од големите сонови за големи држави и вие и ние и тоа треба да го повторуваме. И на нашите пријатели од Грција во делот на гаранцијата за границите не овие кои што ги потпишала владата  и 10 пати поголеми, дека никој од нас ниту посакува, ниту сака, ниту работи, ниту замислува дека треба да се менуваат границите на Балканот. Но во делот на идентитетот, ние мора да побараме од соседна Грција, она што и вас ве тишти и нас не тишти  господине Џеват Адеми за албанското и македонското малцинство таму.

Затоа решението во оваа ситуација е заедништво, единство и консензус и враќање на состојбата со Резолуцијата, едногласно утврдена во 2008 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top