| четврток, 6 декември 2018 |

Ова се експертите кои ќе ги листаат историските, археолошки и образовни прашања со Грција

Професорите  Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска-Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе, се членовите на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) за историски, археолошки и образовни прашања од македонска страна, на чело со амбасадорот Виктор Габер.

Од Грција, пак, во комитетот што го предводи заменик министерот за надворешни работи, Маркос Боларис, членовите се во најголем дел професори од солунските универзитети.

Комитет со Грција

Од Универзитетот „Аристотел“ во Солун се професорите Спиридон Сфетас, Јаковос Михаилидис и Атанасиос Лупа од Катедрата за историја и археологија. Професорот Николаос Заикос, е од Катедрата за балкански, словенски и источни студии на солунскиот Универзитет „Македониа“. Додека, пак, останатите членови се професорката Александра Јоаниду од Катедрата за руски јазик и филологија и словенски студии на атинскиот универзитет „Каподистриан“ и Ефтимиос Харлавтис, од Директоратот за земјите од Југоисточна Европа во грчкото МНР.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, имињата на членовите од македонска и грчка страна беа доставени во грчкиот Парламент, во писмениот одговор на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас по пратеничкото прашање на пратеничката од Нова демократија Софиа Вултепси.

На 13 септември годинава, Вултепси од грчкото МНР побара да биде објавен составот на комитетот, заедно со биографиите на членовите како од грчка, така и од македонска страна.

Согласно со  Член 8 став 5 од Договорот од Преспа,  од 17 јуни, во септември беше формиран е Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) за историски, археолошки и образовни прашања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top