На 5 октомври во киното Тушканац во Загреб беше отворена голема ретроспектива на македонскиот игран филм од „југословенскиот период“.
Воведни излагања одржаа Марко Ројниќ – уредник на програмата на киното Тушканац, Томе Апостолски – претседател на Сојузот на македонското малцинство на град Загреб и Владимир Ангелов – в. д. директор на Кинотека на Македонија. Марко Ројниќ истакна дека оваа селекција е убав пресек на она што се случувало со македонската кинематографија сè до независноста и дека покрај добро познатите филмски наслови, во себе крие и неколку малку познати македонски филмски бисери. Томе Апостолски, истакна дека ова е само почеток на едно пообемно претставување на македонската кинематографија во Загреб и Хрватска и дека секако ќе следи програма од современи македонски филмови. Владимир Ангелов, посочи дека филмските и културните врски и преплетувања помеѓу Хрватска и Македонија отсекогаш биле јаки (пример за тоа беше и присуството на Костадинка Велковска, позната хрватска актерка родум од Македонија) и дека тие треба да се негуваат. Петре Прличко и Илија Џувалековски ги дадоа едни од најубавите улоги во хрватски филмови, а Мимица и Бауер ги направија некои од најубавите македонски филмови, а вакви примери има безброј во сите уметности (сликарот Ордан Петлески или Дадо Топиќ со неговата песна Македонија).
ПАНОРАМА: ОД РИЗНИЦАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ содржи играни филмови на Кирил Ценевски (Црно семе, 1971), Љубиша Георгиевски (Под исто небо, 1964; Цената на градот, 1970, Планината на гневот, 1968; Не, 1966; Патека, 1967), Столе Попов (Црвениот коњ, 1981; Среќна Нова ’49, 1986), Димитрие Османли (Жед, 1971), Бранко Гапо (Време без војна, 1969), Бранко Бауер (Три Ани, 1959) и Живорад Жика Митровиќ (Мис Стон, 1958). Манифестацијата беше отворена со филмот „Колнати сме, Ирина“ (Татко) од 1973 година, на македонскиот актер и режисер Никола Коле Ангеловски.
—
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.