Руичи Сакамото го изрази своето задоволство за наградата за животно дело доделена од Фестивалот „Скопје синема сити“ и се фотографираше со наградата која му беше доставена.
Четвртото есенско издание на „Скопје Синема Сити“ се одржува на 5 и 6 октомври во Кинотека на Македонија и на ова издание ќе бидат прикажани четири филмови: „ЕКВ – Како да беше некогаш“, „Звуци и тишина: Патешествијата со Манфред Ајхер“, „Приказната за Ланг Ланг: Постигни или умри“ и „Стив Рајш: Соочување со фазата“.
Гости на ова издание на фестивалот ќе бидат режисерот и сценарист на филмот за ЕКВ, Душан Весиќ , кој воедно ќе има и промоција на својата книга за Маргита Стефановиќ „Маги: Како таа да беше некогаш“ и Сандра Ранчиќ, која е и косценарист на филмот и уметнички директор на филмскиот фестивал за музички документарни филмови од Белград „ДокендРитам“.
Оваа година, „Скопје Синема Сити“ организираше четири филмски настани, на кои вкупно беа прикажани 26 музички документарни филмови и една изложба на џез-фотографии.
На Фестивалот оваа година уметник во фокус беше јапонскиот филмски композитор Руичи Сакамото, со чиј филм „Кода“ на Стивен Номура Шибле беше отворено летното издание и кому фестивалот му врачи и награда за животно дело за „Достигнувања во филмот и музиката.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.