| четврток, 6 декември 2018 |

Директорот на училиштето каде биле фрлани девојчиња од прозор: Не ги изложувајте децата на линч, тие не се насилници

– Не ги изложувајте децата на линч и јавна осуда, бидејќи тие не се насилници, туку едноставно направиле непромислена работа, со несериозната и опасна игра, изјавил за Фокус Александар Филипчев, директор во ОУ ,,Ѓорѓија Пулевски” во скопски Аеродром.

Настанот за кој денес известија сите медиуми ја потресе јавноста и повторно ги отвори прашањата околу тоа што се случува во училиштата и како да се стави крај на насилството помеѓу соучениците.

– Ние дознавме за играта во петокот и веднаш реагиравме. Ги повикавме сите деца и нивните родители на состанок, а денес одржавме и совет, при што на учениците учесници во скокањето од прозор, односно на четири деца, им е намалено поведението. Сите останати од одделението кои биле сведоци на настанот, па дури и снимале со мобилните, добија усна опомена.

– Надлежните органи ги знаат сите детали. Некои од учениците дури и снимале додека траела нивната игра со скокање од прозорецот, и на снимките јасно се гледа дека нема тука тепачка или насилство, сите деца се смеат, несвесни за последиците од нивните постапки. Снимките не би објавил во јавност, со цел да се заштитат децата, но надлежните органи слободно можат да видат за што станува збор. Мислам дека ова е добра лекција за сите ученици, дека некогаш може играта да тргне по лошо, и непотребно да настане ваква немила ситуација. Уште еднаш апелирам до јавноста да не суди пред време, туку да покаже разбирање за настанот, бидејќи сепак, станува збор за 14 годишни деца, кои длабоко се покааја за слученото, додал Филипчев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top