| четврток, 6 декември 2018 |

Заев ќе ја почитува волјата на излезените гласачи и покрај неуспешниот референдум, СДСМ немаше таков став во 2004-та година

Премиерот Зоран Заев неуспешниот референдум го прогласи за успешен. Тој и покрај малата излезеност, (под 40 отсто) кажа дека очекува Собранието да ја слушне волјата на граѓаните. Доколку од излезените гласачи повеќето од граѓаните гласале „ЗА“, тогаш договорот со Грција ќе се најде пред пратениците кои че го изгласат.

– Со чест на исклучоци, очекувам огромно мнозинство од граѓаните дека избраа ЗА. Сега, гласот на граѓаните, волјата на оние кои гласаа на овој консултативен референдум треба да се претопи во политичка одлука во Законодавниот дом. Ако навистина е како што очекуваме сите, имаме големо и видливо мнозинство ЗА…тогаш јасна е иднината, гласот на пратениците треба да биде за одлучно и одговорно да ги забрзаме процесите за НАТО и ЕУ и за подобар живот на нашите деца и на Македонија, рече Заев.

СДСМ како партија истиот став го немаше и за референдумот во 2004-та година, кога 95,06 проценти од гласачите гласаа за останување на старата територијална поделба во Република Македонија.

Тогаш СДСМ имаше кампања „Некои прашања не заслужуваат одговор“, повикувајќи ги граѓаните да го бојкотираат референдумот.

Огромното мнозинство од гласачите 427.112 од 444.347 излезени гласачи гласаа за останување на старата територијална поделба на Македонија.

Но, и покрај ваквиот резултат власта тогаш ја протурка новата територијална поделба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top