| четврток, 6 декември 2018 |

Како Генерал Мими ги измамила Аеродромци

general mimi

Младата скопјанка Џамбазова, или Генерал Мими за само 6 месеци заработила и потрошила десетици илјади евра преку добро осмислена измама, оштетувајќи главно сограѓани од општина Аеродром. Таа им се претставила како координатор за логистика во воената база „Бондстил“ во Косово и за одредена сума како надомест им ветила работни места во Северно-атланската алијанса (НАТО). Триесет и четири годишната „генералка“ заработи и четири кривични пријави за 12 кривични дела „измама“.

На жртвите на „Генерал Мими“ им ветувала дека нив ќе ги вработи како административни работници, возачи или, пак, месари и собарки. На жртвите кои имаат регистрирано компании им ветувала дека може да „им намести“ да добијат тендер за снабдување на базата „Бондстил“, која патем е најголемата воена база на САД во Европа, со прехрамбени  артикли, хемиски средства за хигиена, пијалоци и други потребни артикли.

За време на шесте месеци таа измамените сограѓани ги држела во заблуда дека работата е во тек, при што, како што соопштија од МВР, од нив извлекла околу 567.300 денари, односно околу 9.200 евра, кои веќе ги потрошила за свои лични потреби. Им барала на измамените да пополнат апликација која содржи нивно „СV“, фотокопија од лична карта, две фотографии и да да уплатат сума од околу 6.000 денари (100 евра).Од овие 6.000 денари, наводно, 1.800 денари ќе им биле вратени откако ќе се вработат бидејќи биле предвидени за лекарски преглед , односно лекарско уверение. Ги пратила да прошетаат до бутиците „Марди“, „Бицијани“ и „Пеко“ за сами да си ја одберат својата работна униформа, а таа подоцна ќе помине да ја подигне и плати. На тројца од измамените, кои имале регистрирано фирма и биле заинтересирани за тендерот за набавки во базата „Бондстил“, им барала документи како доказ за регистрација на компанијата, две фотографии за беџ, фотокопија од лична карта и уплатница со сума од 1.500 до 2.000 евра. Штом им наплатила за тендерот таа им побарала примероци од храна и парфеми.

Тука всушност и започнале првите сомнежи. Оштетените по ова побрзале да проверат во наведените бутици дали се подигнати избраните работни униформи, каде дознале дека она што го избрано не е платено, ниту пак некој го подигнал. Еден од оштетените дури и направил и доставил видео запис од безбедносна канцеларија на кој се гледа како „Генерал Мими“ ги зема парите од него. Осомничената е приведена и при разговорот во полиција, таа целосно го појаснила планот и начинот на кој што ги извршила кривичните дела.

Според МВР, за „Генерал Мими“ се интересирал и помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, амбасадорот Дирк Бренгелман. Тој во разговор со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска се интересирал за тоа дали МВР располага со информации околу измамите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top