| четврток, 6 декември 2018 |

Фантастичниот Лука Дебарг и Македонската филхармонија блеснаа на сцената

„Лука Дебарг не однесе во еден друг, прекрасен свет“…, „Ваков пијанист одамна немало на македонската музичка сцена…“, „Што да слушаме сега, после неговиот настап?…“, беа дел од коментарите на оние коишто дојдоа да го слушаат францускиот пијанист кој синоќа настапи како солист со Македонската филхармонија на свеченото отворање на новата концертна сезона.
Концертот „Ново утро“ навистина донесе и нови стандарди на музичката сцена кај нас, особено со настапот на Лука Дебарг кој со право светската критика го нарекува „нова сензација во класичната музика“. На неговото прво гостување во Скопје, Дебарг настапи со едно од најкомплексните дела за пијано – Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев, кој во неговите раце звучеше маестрално – длабоко емотивно, драматично, технички беспрекорно. Аплаузите по неговиот настап не стивнуваа, и Дебарг беше два пати вратен на бис.


Она што на синоќешниот концерт во полната сала на Македонската филхармонија, беше исто така за голем поздрав на стартот на новата концертна сезона, беше изведбата на „Фантастична симфонија“, најпопуларното дело на францускиот композитор Хектор Берлиоз. Оркестарот блесна на сцената предводен од врвниот маестро Јерухам Шаровски од Израел, „сликајќи“ ги сите специфики, а особено впечатлив беше дувачкиот корпус и соло делниците кои го даваа неопходниот израз, но и шарм што ова романтичарско, програмско дело го поседува.
Македонската филхармонија тргна со полна пареа, и ќе продолжи да ги освојува срцата на музичките сладокусци презентирајќи разновидна програма и фантастични солисти и диригенти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top