| четврток, 6 декември 2018 |

Арсовски: Дали е вистина дека против советникот на Заев Силвио има досие за пукање врз специјалната полиција?

Премиерот Зоран Заев и криминалниот картел на власт не работат во интерес на граѓаните и државата, туку само за себе и бизнисите на своите блиски, ова на денешната прес конференција го потенцираше Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Буџетот и државните институции им служат единствено за задоволување на партиските потреби и исплата на долговите и обврските што ги презеде Зоран Заев пред изборите. Ветуваа намалување на бројот на министерствата, а ја наполнија владата со неспособни, некомпетентни и сомнителни кадри. Зоран Заев го наполни премиерскиот кабинет дури со 56 советници. Како негови советници фигурираа и фигурираат сомнителни лица, лица со криминални досиеја и без ниту еден единствен резултат позади нив. Трагедијата е што сето ова го плаќаат граѓаните. Кабинетот на Зоран Заев брои 13 посебни советници, 33 надворешни советници и 10 обични советници. Вкупно 56 советници. Ако како просек се земе нето платата која ја имаше Заев договорено со командант Хоџа, кој за своето средно образование требаше да добива 600 евра месечно, тоа значи дека годишно граѓаните од својот џеб плаќаат вкупно за сите 56 советници над 540.000 евра за плати и придонеси. Тука не се вклучени тековните трошоци за советниците за патувања и користење на службени бенефиции кои што исто така директно паѓаат на грбот на граѓаните, истакна Арсовски.

Тој додава дека над половина милион евра, Заев со парите на граѓаните ги плаќа советниците, од кои најголем дел од нив по ниту еден критериум во нормална Влада не би биле советници на ниту еден Премиер.

-Еден од таквите еклатантни примери е Силвио Аврамовски. Човекот е непознат за јавноста, но Заев си го назначил за надворешен соработник за економски прашања и зајакнување на економската соработка со земјите од Кавказ и Блискиот Исток. Во медиумите единствено се појавува како човек кој бил избран за делегат на Конгресот на СДСМ во 2011 година. Врска со Блискиот Исток или Кавказ, никаква. Единствено неговата сопруга Маја Аврамовска Трпевска се јавува како вработена во германска невладина организација која што оперира во градот Тбилиси. Уште позагрижувачка е информацијата која што кружи во јавноста дека Силвио Аврамовски е токму човек кој што има досие во полиција. Затоа, прашуваме дали пред неговиот ангажман како советник на Зоран Заев, Владата го проверила неговото досие? Дали е точно дека против него се водела постапка затоа што во кафеана пукал во припадник на специјалните единици? Дали бил осуден за ова дело, дали одлежал затворска казна или истото дело му е избришано од досието?, прашува Арсовски.

Тој вели дека ова се прашања кои владата мора веднаш да ги одговори. Овие советници не земаат плата од фирмите на Заеви, туку од граѓаните. Затоа јавноста мора да знае кого плаќа, колку плаќа и зошто ги плаќа.

Доколку информациите за сомнителното минато и некомпетентноста на советникот Аврамовски се точни, истиот треба уште веднаш да се повлече од функцијата. Зоран Заев ја потценува интелигенцијата на целиот народ. Зоран Заев очигледно си поигрува со граѓаните и ги третира како неинтелигентни. Ова лудило мора да прекине, а овој криминален картел мора да се разбие и уште веднаш да падне, потенцира Арсовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top