| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува скрининг процесот

Брисел денеска ја започнува подготвителната работа за преговори за членство помеѓу Македонија и ЕУ.

Овој прв „објаснувачки состанок“, на кој учествуваат 43 членови од македонска страна, 39 од албанска и десетина функционери од страна на Европската унија, има за цел да и овозможи на европската страна да им го презентира на двете земји членки законодавството на ЕУ во областа на поглавјето 23 – судство и фундамнетални права.

Состанокот ќе трае два дена за време на кои ЕУ ќе ги презентира законски одредби, судски одлуки, или, пак, т.н.р. „најдобри практики“ кои во текот на самите преговори ќе им бидат водилка на земјите преговарачи на патот кон зачленувањето во Унијата.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, за два месеца, во текот на ноември, треба да се одржи вториот состанок, овојпат посветен на поглавјето 24 наречен „правда, слобода и безбедност“.

Според новата методологија на преговори со ЕУ, воведена по последниот бран проширување, сите нови земји кандидати задолжително започнуваат со овие две поглавја, клучни за консолидирање на владеењето на правото, човековите права и правдата.

Во следните месеци, па сѐ до јуни 2019, кога Советот на ЕУ треба и официјално да го даде зеленото светло за старт на преговори доколу Македонија ги исполни зададените услови, треба да се одржат 31 слични состаноци на денешниот за секое од останатите преговарачки поглавја, од земјоделство до животна средина или, пак, конкурентност.

Сите овие подготвителни состаноци ќе се одржуваат заедно со албанската делегација, поради фактот што двете земји во јуни заедно добија условен датум за старт на преговори. Оваа практика не е вообичаена за ЕУ, која претпочита секоја земја да напредува според сопствените заслуги, но во оваа подготвителна фаза одлучено е двете земји да одат во пакет. Понатаму, во текот на самите преговори за членство, се очекува да се примени принципот на „секој по сопствена заслуга“, брифираат дипломатски извори во Брисел.

Повеќе дипломати и политичари истакнуваат дека Македонија многу бргу би можела не само да ја надмине Албанија, туку и сегашните „првенци“, Црна Гора и Србија, бидејќи земјава како долгогодишен кандидат за членство одамна работи на поставување и усогласување на законодавната рамка за прибилижување кон ЕУ.

Македонскиот тим го предводат Бујар Османи и Бојан Маричиќ, двајцата главни преговарачи, политички и технички, а за овој состанок и за следниот во ноември им се придружува министерката за правда, Рената Дескоска, како одговорна за овие две поглавја, 23 и 24.

Состанокот започнува утринава, во девет часот, и ќе трае до петок попладне. Во оваа фаза тимот на Европската комисија е тој што држи збор, додека албанскиот и македонскиот тим се во улога на слушатели.

Во петок комесарот Јоханес Хан се очекува да одржи прес-конференција со Бујар Османи и неговиот албански колега, додека на маргините на овој прв скрининг, Рената Дескоска треба да оствари средба со евркомесарката за правда, Вера Јурова.

Терминот „скрининг“ се користи од страна на земјите кандидати, но се избегнува во комуникацијата со земјите членки, пред сѐ поради земји како Франција и Холандија, пред сѐ од политички причини, бидејќи за овие земји секоја алузија на проширувањето е чувствителна до следните европски избори во 2019, објаснуваат европските дипломати во Брисел.

Но, овој состанок е неспорно дел од подготвителната работа за почеток на преговори со ЕУ и низ неа поминале и претходните земји кандидати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top