| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба во МСУ: „Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“

На 27 септември (четврток), со почеток во 18.30ч., во Музејот на современата уметност во Скопје ќе биде отворена изложбата со наслов „Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“.
Куратор на изложбата е Бојана Јанева Шемова.

Изложбата „Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“ се обидува да прикаже можни ликовни врски меѓу делата од италијански и македонски автори застапени во колекцијата во Музејот на современата уметност.

На изложбата ќе бидат видени и дела од авторите кои биле дел и од првата постојана поставка на МСУ-Скопје во 1970 година како Ренато Гутузо, Алберто Бури, Енрико Бај, Емилио Ведова, Афро Базалдела, Франко Џентилини, Никола Карино, Корадо Каљи, Џетулио Алвиани, Франческо Сомаини и други видни претставници и придвижувачи на актуелни уметнички правци во Италија и во Европа во повоениот период. Иако, повеќето италијански дела и во колекцијата и на изложбата се од 60-те од минатиот век, италијанската колекција ја карактеризира нетипична разнородност, особено што нејзиното збогатување продолжило и понатаму, по оваа декада.

Па, од 70-те и 80-те години неминовно беше да се вклучат во „Конекции во колекциите” и автори како Пјеро Дорацио, Франко Фонтана, Мариа Тереза де Ѕорѕи, Мимо Ротела, Анџело Титонел, Марио Телери, Бруно Талпо и најистакнатите претставници на поштенската уметност – Виторе Барони и Гуљелмо Акиле Кавелини.

Оттука, со делата од македонската колекција изложбата трансгресира нагоре-надолу по временскиот вектор, па во изложбата се вклучени дела создадени од педесеттите години до денес. Причината за ова меѓуисториско поврзување на различни начини на читања – модернистички и постмодернистички, се наоѓа во следењето на стилските, тематските и контекстуализирачките особености, како и ликовните елементи и принципи на италијанските дела во изложбата.

Оваа трансисториски конципирана изложба, заснована врз индивидуален кураторски избор, прави и извесни исчекори од модернизмот, следејќи ги подоцнежните дела од италијанската колекција според определени ликовни аналогии и контекстуализации. Во нив делата на места резонираат себеобјаснувачки и врската меѓу нив е брза и отворена, но за некои од нив е потребно попроникливо читање на тематската или стилската поврзаност.

На изложбата ќе бидат претставени следниве автори: Алберто Бури – Петар Мазев; Енрико Бај – Симон Шемов; Корадо Каљи – Танас Луловски; Ренато Гутузо – Кирил Гегоски; Џузепе Капогроси – Божин Барутовски; Афро Базалдела – Драгутин Аврамовски-Гуте; Франческо Сомаини – Петар Хаџи Бошков; Емилио Греко – Петар Мазев; Џузепе Сантомазо – Александар Јанкулоски; Луиџи Монтанарини – Ристо Лозаноски; Емилио Ведова – Ордан Петлевски; Франко Џентилини – Димитар Кондовски; Енрико Пауличи – Иван Велков; Пјеро Дорацио – Антони Мазнески; Мирко Базалдела – Васил Василев; Антонио Санфилипо – Веле Ташовски; Лука Патела – Петре Николоски, Џетулио Алвиани – Душан Перчинков; Никола Карино – Благоја Маневски; Еторе Кола – Богоја Анѓелковски; Алфио Кастели – Петар Хаџи Бошков; Мариа Тереза де Ѕорѕи – Родољуб Анастасов; Акиле Перили – Нове Франговски; Мимо Ротела – Ирена Паскали; Анџело Титонел – Александар Ивановски; Марио Телери – Ордан Петлевски; Франко Фонтана – Исмет Рамиќевиќ; Бруно Талпо – Иво Велјанов; Виторе Барони и Гуљелмо Акиле Кавелини – Борис Шемов.

Изложбата е дел од програмата на Музејот на современата уметност за 2018 година и е поддржана од Министерството за култура на Р. Македонија, Италијанска амбасада во Р.Македонија и Еуролинк и ќе биде отворена се до 31 јануари, 2019 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top