| четврток, 6 декември 2018 |

Димитров потврди дека власта ќе го прекрши Уставот: Ќе го признаеме референдумот и 100.000 да излезат, а 50.001 да се ЗА(ВИДЕО)

Си бара ли Власта алиби за сѐ поизвесно неуспешниот референдум? Ова е прашањето кое произлегува по денешната прес-конференција на министерот за надворешни работи Никола Димитров, на која ги појаснуваше повеќето аспекти од Договорот со Грција.

Иако постојано се лобира дека за успешен референдум мора да има излезност и цензус, и постојано се повикува да се излезе без разлика како ќе се гласа, Власта деновиве ја менува песната. Оддеднаш, успешен референдум значи само позитивниот одговор на грото од излезените гласачи, без разлика која е нивната бројка.

Со други зборови, ако на референдумот излезат само 100.000 гласачи, тој ќе е успешен ако 50.001 од гласачите се ЗА.

Во оваа нова, од низата од небројни лаги искажани од власта поврзани со овој договор, одговарајќи на новинарски прашања, Димитров индиректно вината за ова ја префрла на ВМРО-ДПМНЕ.

    • Референдумот е политичка заложба и ветување и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Во последната програма на опозицијата на последните избори – не постои цензус. Таму вели ако има договор на маса ќе ги прашаме граѓаните и ако мнозинството од граѓаните кажат „да“, ќе го потврдиме тој договор – вели Димитров, одбегнувајќи директно да потврди дека истото ќе важи и во овој случај.

Дополнително, до неодамна, главните пораки кои пристигнуваа од европратениците и од дипломатските посети беа фокусирани токму на исполнувањето на цензусот за претстојниот референдум. И домашните и странските експерти се согласуваа дека најголем предизвик на 30 септември ќе биде исполнувањето на предвидениот цензус, а не резултатот од референдумското изјаснување.

Но, во последниве неколку дена се отвораат и нови алтернативи кои индиректно ги слушнавме преку странските претставници. Во јавноста се шпекулира дека по неколку интерни анкети кои биле направени за потребите на неколку организации, се отвора можноста референдумот да биде прогласен за успешен и без потребниот цензус, ако мнозинство од гласачите кажат ЗА.

Еврокомесарот Јоханес Хан деновиве порача дека граѓаните мора да го искористат своето право на глас, потенцирајќи дека очекува позитивен исход, без да дефинира дали тоа значи исполнет цензус, или мнозинство гласови ЗА.

      • Меѓутоа јас повторно би рекол да го преминеме мостот, па да видиме што после ќе се случи. Но, јас сепак сум убеден дека исходот од референдумот ќе биде позитивен. Мора да го почитуваме сувереното право на граѓаните на глас и таа одлука мора да се испочитува од страна на сите и потоа се разбира дека политичарите ќе треба да се справуваат со последиците и соодветно на тоа и да донесат одлуки – рече Хан.

Со слична порака пред два дена излезе и европратеникот Ханс ван Бален, кој повика на масовна излезност, но остави простор за позитивен исход и во случај цензусот да не биде исполнет.

      • Доколку не биде исполнет цензусот, а сепак има има масовно гласање “За”, тоа е показател дека македонската Влада и Парламентот треба да кажат “да” за договорот за името-  порача Ван Бален.

Во ДИК очекуваат во иднина да се усогласат Законот за референдум и Изборниот законик. Нагласуваат дека тие не можат да кажат дали референдумот ќе биде успешен или не туку ДИК, велат, ги соопштува резултатите и од гледна точка на техничкиот аспект.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top