| четврток, 6 декември 2018 |

Габи, лицето со Даунов синдром вечерва ќе настапи во балетската претстава „Чудна шума“ на МОТ

Габриела Трајчевска, лицето со Даунов синдром вечерва ќе биде дел од балетската претстава „Чудна шума“, која е дел од годинешното издание на Млад отворен театар (МОТ). Претставата е вечерва, 24 септември,  во 18.00 ч. во Македонска филхармонија.

Кореографката Искра Шукарова, во соработка со Урсула Еагли од Њујорк, САД, заедно со студентите од катедрата за современ танц при ФМУ-УКИМ каде што Шукарова е професорка го подготвија овој проект и од самиот почеток го вклучија Центарот за Даунов синдром. Оваа соработка е продолжение од минатогодишниот проект „И јас сакам да бидам балерина“, имплементиран со помош на Европската Унија и УНИЦЕФ. Настанот ја промовира и работата на катедрата за балетска педагогија–отсек за современ танц, формирана во 2010 година при ФМУ-УКИМ, каде Шукарова е предавач на предметите од областа на современиот танц.

Како дел од овој современ танцов настан се и Џијан Емин кој е вклучен во креирањето и реализацијата на музичкиот концепт и актерката Искра Ветерова- Славенска како стручен соработник и сценски модератор.

– На наша голема радост, Шукарова и Ветерова ја вклучија Габриела Трајчевска и нè поканија повторно да бидеме дел од обновената претстава. Уметничкиот тим овозможи Габи уште еднаш да ги почувствува театарските штици. Под менторство на Искра Ветерова, таа го подготви својот дел од претставата и сета оваа работа ќе има многу поголемо значење ако и Вие дојдете да бидете дел од публиката чиј восхит и благодарност се најголемата награда за Габи, но и за целиот тим кој работи на овој проект. На настанот ќе можете да купите производи на Елизабета Петковска, која како и Габи е редовен соработник во активностите на Центарот за Даунов синдром. Ќе можете да купите производи и од Центарот, со што ја поддржувате нашата работа и сите обиди да ги вклучиме лицата со Даунов синдром во секојдневниот живот во нашето општество. Овој настан е преубав пример за тоа што ние подразбираме под инклузија – вели Ида Мантон, основачка и претседателка на Центарот за Даунов синдром.

Во балетската претстава учествуваат: Искра Ветерова-Славенска, Бојан Мицев, Елена Костадинова, Медина Јусуфович, Ивана Димкоска, Меланија Гоцевска, Ева Џингова и Габриела Трајчевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top