| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот-пародија „Блокбастер“ ја крена публиката на МОТ на нозе

Белгиската претстава односно филмот-пародија „Блокбастер“ со која синоќа беше отворено 43. издание на Младиот отворен театар (МОТ) во Македонскиот народен театар (МНТ) ја крена публиката на нозе која уметничкиот колектив „Менсуел“ го испрати со долготраен аплауз и овации.

„Блокбастер“ е претстава-филмска пародија, создадена со повеќе од 1.400 кадри од 160 холивудски филмови. За време на претставата, филмот се прикажува во заднина, а членовите на „Колектив Мензуел“ на сцена ги произведуваат сите звуци и шумови, дијалози и целата музика. Од петчлената екипа, тројца од артистите ги произведуваа дијалозите, звуците, шумовите, музиката, а останатите двајца беа само музичари.

Содржината на филмот, односно пародијата е следна: Владата размислува за воведување висок данок. Глалвниот лик, Мортиер, е шеф на шефовите. Тој, се разбира, не се согласува. Истражувачката новинарка Корин Лено пишува колумна за тоа како богатите компании избегнуваат даноци преку офшор компании. Дента пред објавувањето, колумната е цензурирана, а новинарот избркан. Како резултат на ова, се јавува силна реакција, што се шири на социјалните мрежи. Мортиер најмува платен убиец да ја ликвидира Лено. Во меѓувреме, еден чувар на банка, избркан од работа, се обидува да го врати работното место. Полицијата го убива и го проглалсува за терорист. Јавноста е гневна на власта, се организираат протести кои излегуваат надвор од контрола. Министерот за внатрешни работи и финансии поднесува оставка, а Премиерот прогласува вонредна состојба во државатта. Кој е излезот? Да се прекине електричната енергија. Така ќе нема вести, ќе нема радио, интернет, нема да се шират лажни вести…

„Блокбастер“ има над 200 изведби, а првпат била изведена во септември 2015 година. Има многу гостувања во странство. Авторите на перформансот, поради техничката неможност да ги добијат авторските права за сите филмови од кои извадиле одделни сцени, решиле да не ги плаќаат авторските права. Тие го искористиле моментот од позитивните закони каде се вели дека постои право на пародија, што значи може да се користи одреден дел или филм доколку целта е пародија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top