Филмот „Ругање со Христос“ на македонскиот режисер Јани Бојаџи што ја разбранува јавноста во Македонија ќе го отвори третото издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм Киненова кој ќе се одржи од 3 до 12 октомври во Скопје. „Ругање со Христос“ ќе биде прикажан на 5 октомври во 20 часот во кино „Милениум“ и ќе биде дел од официјалната програма која ќе се одвива од петти до 10 октомври.
– Министерот за култура Асаф Адеми ќе биде поканет на отворањето на Киненова, а согласно и на тоа и на македонската премиера на „Ругање со Христос“. Нема потреба ние да го браниме филмот, авторот сам ќе го одбрани своето дело. Сметаме дека „Ругање со Христос“ е храбар и необичен филм – изјави Небојша Јовановиќ, директор на Киненова.
Игор Анѓелков, програмски директор на Фестивалот објасни дека филмот на Бојаџи бил селектиран за отворањето на Киненова уште пред тој да ја има светската премиера на Фестивало во Монтреал од каде што се врати со награда и уште пред филмот, негледан, да предизвика бура во јавноста.
– Интенцијата на Киненова е, секогаш кога сме во можност, да ја следиме работата на македонските автори и македонските дебитанти и тие да добијат промоција. Освен „Ругање со Христос“ во програмата на Киненова оваа година е и филмот на Ѓорче Ставревски „Исцелител“ и „Копање“ на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов. Не случајно, патот на овие филмови и автори се вкрсти со патот на Киненова и тие ќе бидат прикажани на почетокот на годинешното филмско издание – рече Анѓелков.
На фестивалот во Монтреал филмот доби награда за иновативност. Ругање со Христос“ е македонско-грчко-француска копродукција, а светската премиера беше на 30 август во Монтреал. Адеми, без да го гледа филмот, излезе со став дека филмот е навредлив за Албанците и за него беше скандал што ниту еден Албанец немало во комисијата и во телата што го одобриле снимањето на филмот во кој војниците на ОНА се претставени како насилници силувачи. Адеми повикал повикал инспекциски надзор да ја испита работата на комисиите во Агенцијата за филм кои го одобриле овој филм во 2015.
Адеми и директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија потенцираа дека не го гледале филмот, туку одлуката за осудување на филмот ја донеле врз основа на трејлерот, прочитаното сценарио и режисерската експликација. Според обајцата, не станува збор за цензура.
Режисерот Бојаџи изјави дека Министерството за култура повикува на насилство и терор врз него.
– Не им се плашам воопшто! Ги повикувам да ме прашаат сѐ што ги интересира, ќе им одговорам. На крајот, цивилизирано е да купите билет, да отидете во кино и да не се согласувате со ништо со тоа што ќе го видите на платното. И се разбира доколку мислите така, јавно да дебатирате за се, без да ми се заканувате со разни УЧК искуства и принципи! – изјави тогаш Бојаџи.
Инаку, осум филма се во натпреварувачката селекција на Фестивалот чие мото годинава е „Првиот никогаш не се заборава“. „Ругање со Христос“ е меѓу осумте филмови во трка за наградите за најдобар дебитантски филм, најдобар режисер, најдобро сценарио и за специјална награда од меѓународното жири, а покрај него во официјалната селекција се уште пет филма од Европа, еден од Иран и еден од Перу.
Селекторот Игор Анѓелков на прес-конференција денеска рече дека било возбудливо да се погледне во најновата светска кинематографија, но и тешко да се направи избор поради плодната продукција и затоа што, рече, има многу дебитанти кои храбро влегуваат во своите први или втори остварувања и обработуваат теми на свој начин.
Според Јовановиќ концептот на фестивалот е да им се даде простор на храбри автори-дебитанти кои се зафатиле со теми кои во некои земји се игнорирани и ставени на страна, а нивните автори третирани како неподобни.
– Педесетина исклучителни филмови се пријавија, а наш императив беше да ги пронајдеме оние кои бескомпромисно се борат за зачувување на слободното уметничко изразување и не тргуваат со уметничкиот или личен интегритет, рече Јовановиќ.
Во рамки на фестивалот првпат во Македонија ќе биде претставена норвешката кинематографија со проекција на пет филма, од кои два од најпознатиот режисер на таа земја – Ерик Попе. Ќе има и „Балканска филмска програма“, проекции на двата први филма на Ингмар Бергман од 1946 година („Криза“ и „Кризата во нашата љубов“) по повод 100 години од неговото раѓање, детска филмска програма, како и две работилници – за филмска анимација наменета за деца со посебни потреби и работилница во соработка со
Проекциите на Киненова ќе се одржуваат во кино „Милениум“, „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) и Кинотека на Македонија. Планирано е да се одржат и два мастер-класа, со специјалниот гостин од Турција, сценаристот и режисер Зеки Демиркубуз, кој е и член на жири-комисијата и Хрватот Анте Томиќ, сценаристот на веќе култниот филм „Устав на Република Хрватска“ на Рајко Грлиќ. Демиркубуз ќе одржи мастер-клас на темата „Иднината на светскиот независен филм“, а Томиќ ќе предава за неколку мали трикови за пишување на филмски дијалози.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст