Сакаме да ја градиме Европа заедно со вас. Убедена сум дека референдумот ќе биде успешен и дека на крајот ќе се движите по вистинскиот пат, изјави германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лаин на денешната заедничка прес-конференција во македонското Министерство за одбрана со нејзината македонска колешка Радмила Шекеринска.
– Референдумот претстои. Знам дека тој е поврзан со името на вашата држава, вашиот идентитет и историја, но сепак во овој референдум гледам голема шанса. Верувам дека граѓаните на вашите земја ќе земат активно учество. Од нашето искуство во врска со германското обединување можам да кажам дека такви шанси се уникатни и дека треба да се искористат. И кога зборувам за искористување на шансата сакам да кажам дека зборувам за обединета Европа, дека сакаме заедно да продолжиме да ја градиме Европа со вас, рече министерката Фон дер Лаин.
Министерката Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање што доколку референдумот не успее и дали Македонија ќе остане пред вратата на НАТО, изрази уверување дека референдумот ќе биде успешен и дека земјата веќе се подготвува за пристапните разговори со НАТО.
– Од моментот кога ја добивме поканата за НАТО формиравме тимови за подготовка на пристапни разговори. НАТО-тимови веќе беа во земјата, а на крајот од месецот ќе следуваат средби со претставници на НАТО Алијансата и во Брисел. Разговорите се водат според планот. Не очекуваме никакви прашања кои може да успорат процесот. Можеме однапред да кажеме дека фокусот ни е таму. Македонија ќе биде подготвена да го склучи протоколот за пристапување во НАТО. Она што политички не чека, што политички мора да го докажеме е дека имаме целосна и неподелена поддршка на овој процес и тоа ќе го направиме на 30 септември. Мислам дека успешниот референдум, успешниот процес на македонска страна дефинитивно ќе ги забрза сите наши сојузници да помогнат пристапниот дијалог да биде брз, ефикасен и квалитетен, рече Шекеринска.
Според германската министерка за одбрана, кога станува збор за билатералната соработка, посакува заедно да чекориме на патот кон членство во НАТО.
– Ќе продолжиме да соработуваме на билатерално ниво во однос на заедничките вежби кои може да се изведат во соработка помеѓу двете држави. Нудиме можност за продлабочување на соработката во областа на обуката на натамошната квалификација, но се разбира и на материјален план. Кога зборуваме за НАТО можам да кажам дека нашите размислувања се многу слични и многу блиски и имам чувство како вие да сте дел од НАТО. Сега станува збор практично за еден премин, а тоа е да станете земја членка на НАТО. Убедена сум дека референдумот ќе биде успешен, дека се ќе биде како што треба и дека на крајот ќе се движите по вистинскиот пат, рече германската министерка за одбрана Фон дер Лаин.
Министерките Шекеринска и Фон дер Лаин денеска ќе учествуваат и на панел-дискусија во организација на фондацијата Конрад Аденауер, на тема „Улогата на цивилното општество при процесот на интеграција во НАТО и ЕУ“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст