| четврток, 6 декември 2018 |

Виното и пивото не се за Шекеринска

Министерството за одбрана најостро реагира на сензационалистичките тврдења во дел од порталите во однос на јавната набавка за пиво и вино за потребите на Секторот за услуги и туризам на Министерството.

Демантот го пренесуваме во целост:

Овие тврдења на крајно непрофесионален и тенденциозен начин ја искривуваат вистината, која е јасна и видлива само доколку се прочита содржината на јавниот оглас на Министерството за одбрана.

Повторуваме, огласот за прибирање на понуди за вино и пиво се однесува стриктно за потребите на угостителските објекти на Министерството – Домот на АРМ во Скопје, хотелот на Попова Шапка и кампот „Св. Наум“, кои се од комерцијален карактер и отворени за сите граѓани на Македонија (што е годишен прилив во буџетот на Министерството од 100 милиони денари).

Министерството за одбрана во три наврати ја поништува постапката за набавка, заради нереално високи цени на понудувачите, што значи дека најголемо внимание посветуваме на трошењето на парите на граѓаните. Истото се гледа и преку фактот дека оваа година сумата за набавка, односно 805 илјади денари, е далеку пониска од онаа во минатите години, а како пример може да се земе договорот склучен во февруари 2017 година кој за ставките пиво и вино изнесува над 2 милиони денари!

Министерството секој обид за рушење на интегритетот на вработените и дискредитација на раководството во МО, од страна на неколку непрофесионални портали го има демантирано со факти, аргументи и бројки кои се единствената вистина.

Згрозени сме од фактот дека дел од порталите, без ниту тронка професионалност се обидуваат да реализираат одредени политички агенди и интереси кои најмалку им одат во прилог на граѓаните и нивната иднина. Граѓаните сакаат да живеат во земја во која владее деморкатијата, правото, земја во која избраните функционери се во служба на интересите на граѓаните, а не на самите себе. Одредени поединци се упорни во својата цел државата повторно да ја доведат до изолација и бесперспективност. Но, мнозинството граѓани нема да го дозволат тоа, и не потклекнуваат на вакви лаги, дезинформации и груби извртувања на вистината, а тоа ќе се покаже наскоро, на 30 септември, кога оваа намера за грабеж на иднината на земјата ќе биде јасно и недвосмислено отфрлена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top