| четврток, 6 декември 2018 |

Владата штотуку ги поткупи социјалните случаи

Реформата на социјалната заштита ќе стартува на почетокот на следната година, а од февруари 2019 година корисниците на социјална помош можат да очекуваат повисоки износи.

Владата следната година ќе издвои 2,2 милијарди денари за зголемување на социјалната заштита. Реформата на социјалната заштита ќе стартува на почетокот на следната година, а од февруари 2019 година корисниците на социјална помош можат да очекуваат повисоки износи.

Ова денеска го најавија на прес-конфереција во Владата, премиерот Зоран Заев и министрите за труд и социјална политика и финансии Мила Царовска и Драган Тевдовски.

Тие најавија дека покрај зголемувањето на износите на социјалната помош за околу 300 отсто, ќе биде зголемен и бројот на приматели на социјална помош и опфатот на семејствата со социјален ризик, а ќе се воведе активационен процес, односно подготовка на социјалните случаи за пазарот на трудот.

– Четиричлено семејство со две возрасни деца и едно лице кое е неработоспособно месечно ќе добива 11.700 денари. Трите лица влегуваат во системот на активација, односно поддршка за подготовка за вработување. Типично четиричлено семејство со две малолетни деца ќе добива 10.600 денари од кои денес 70 отсто од овие лица имаат 3.029 денари и тоа ги доведува во дополнителен ризик. Разликата е над 7.000 денар или 300 отсто – рече министерката Мила Царовска.

Таа појасни дека се зголемува опфатот на семејства, односно деца кои ќе примаат детски додаток и образовен додаток.

– Детската сиромаштија е наш таргет. Детски додаток сега примаат многу малку деца, вкупно 3.200 деца. Ваков додаток примаат само оние семејства кои имаа приход од 10.000 денари. Со реформата овој додаток ќе го примаат 73.500 деца – рече Царовска.

Според неа, образовниот додаток за децата ќе биде гарантирана помош.

– Ако сега имаме вкупно 3.800 деца кои примаат условен додаток за образование во 2019 година нивниот број ќе се зголеми на 64.316 – додаде Царовска.

Во иднина детски и обвразовен додаток ќе добиваат и семејствата со едно вработено лице, односно оние кои примаат минимална плата.

– Семејствата со минимална плата од 12.165 денари во наредните години ќе имаат месечен приход од 15.465 денари. Во овие приходи влегуваат детскиот додаток од 1.600 денари и образовниот додаток од 1.700 денари. Оние пак со право на минимална гарантирана помош ќе земаат 10.600 денари, во кои влегуваат детскиот образовниот додаток, како и енергетскиот додаток – појасни Царовска.

Премиерот Заев појасни дека социјалната реформа подразбира не само примање на парична помош, туку и активирање, односно подготовка на работоспособното население кое прима социјална помош за пазарот на трудот, односно за вработување.

– Наша цел е да ги научиме да ловат риби не да им даваме риби, како што вели поговорката. Да ги подготвивме да работат – рече Заев.

Тој информира и дека оние кои ќе одбијат два пати работа ќе ја изгубат социјалната помош.

Заев изјави и дека социјалната реформа подразбира и поддршка за комплетирање на образованието на примателите на социјалната помош, а најави и зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа во однос на социјални услуги.

– Воведуваме европски стандарди на социјална заштита, повеќе правда и социјална заштита – рече Заев.

Министерот за финансии Драган Тевдовски информира дека за покривање на социјалната реформа во буџетот за следната година се планирани 2,2 милијарди денари.

– Време е да имаме системско решение наместо да чекаме хуманите граѓани да донираат за сиромашните – рече Тевдовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top