| четврток, 6 декември 2018 |

Што не е јасно?

Драги сограѓани Македонци, јасно е: доколку референдумот го постигне цензусот, тогаш Република Македонија, македонскиот народ, македонската култура и традиција, македонската историја и нејзината историска борба и жртва низ вековите ќе исчезне засекогаш

 Игор Доневски

Многу наши стручни лица од областа на правото, секоја чест на нивната концизност и трпение, во повеќе наврати ѝ објаснија на широката јавност што се треба да голтне Македонија за да стане европска госпоѓа. Во раскол на еден народ, двотретински, да не ги споменувам и другите, кои не знаат ниту да гукнат ако нешто не е од нивната агенда, се случува разнебитување на еден народ, на една вековна традиција, на крвава но сепак наша историја, се случува неморална распродажба на сето она за кое сонуваат многу групи на луѓе, многу бездомни народи, многу напатени човечки суштества.

Распишан е референдум. Референдум со повеќесмислено прашање, спротивно на законот, донесен во прекршена процедура, а предмет на прашањето е Договор чија што содржина се коси со уставните одредби, склучена и потпишана од ненадлежни лица.

Кампањата во однос на референдумот е веќе одамна почната, се трошат народни пари, повторно незаконски, при што во јавноста се пласираат различни тези и прогнози, од локално па до континентално ниво… и иако ова прашање е интердржавно,не може а да не се забележи грижата на ‘’засегнатите’’ која стана толкава што веќе станува гужва и ‘’не можеме да постигнеме’’ од толкава нова љубов кон нас, со години заглавена во нормандиско / апенинско / алпски / баварски / етц лавиринти.

Ново – стара љубов, нели?  Не можеа ли вака да не изгушкаат пред 15 години, можеби во 2008, или пак годиниве наназад додека ни ги потпишуваа препораките? Зошто ли сега брзање? Мислам дека падната е одлуката – време е да се ревидира имотниот лист на Македонија и „руска чизма“ не треба да гази на Криволак… Затоа!

ВМРО-ДПМНЕ донесе став во врска со претстојниот референдум: одлуката е на народот, натпартиска, со неа се одлучува за иднината на нашата татковина, иднината на нашите поколенија. Договорот е штетен и ја нема нашата поддршка, наше е да ги изнесеме на виделина сите отстапки и жртви што потенцијално би требало да ги направиме согласно содржината на овој договор, а на народот е да одлучи како ќе постапи, при што доследно ќе го почитуваме резултатот од гласањето!

Душегрижниците се занимаваат со ставот на мојата партија, а имаат своја НЕскриена агенда, други пак бараат поконкретен одговор или насока што да прават, трети наоѓаат мани… во се! Има и дел кој пак скромно прашува и можеби навистина има проблем во сфаќањето на целокупната ситуација… затоа, баш поради нив, би сакал да појаснам неколку работи, а на крајот да поставам и прашање.

Кои се основните начела на ВМРО-ДПМНЕ?
– Народна партија со демохристијанска ориентација, која го почитува демократското достоинство на луѓето и нивните слободи и права.
– Почитување на традицијата на македонскиот народ и неговата определба за независна, самостојна и суверена Република Македонија.
– Почитување на основните човекови вредности, македонската историја, култура, традиција, јазик, со особен акцент на семејните вредности.
– Заштита и негување на македонските национални интереси.
– Афирмирана политичка ориентација за членство на Република Македонија во Нато и ЕУ, со стратешко партнерство со САД.

Што е цензус?
– Цензус е потребниот број на гласачи кои треба да излезат и го искористат своето право на глас на соодветното избирачко место, (50% плус еден гласач од вкупниот број на гласачи), што во овој случај изнесува 903.169 лица запишани во Избирачкиот список верификуван од Државната изборна комисија.
– Доколку цензусот не е исполнет, односно излезат на гласање помалку од 903.169 гласачи, референдумот нема да биде успешен и резултатите од истиот се ништовни, то ест референдумот како и да не се случил/распишал и истиот не предизвикува никакви последици/консеквенци.

Што значи успешен референдум?
– Успешен референдум е ако на неговото одржување излезат на гласање најмалку половината плус еден гласач (50% плус еден гласач) од вкупниот број гласачи запишани на Избирачкиот список верификуван од Државната изборна комисија на Република Македонија, односно цензусот е исполнет
– Успешниот Референдум дава валиден одговор кој се зема предвид во однос на референдумското прашање и произведува консеквенци по истото, задолжителни или консултативни, со своја политичка тежина.

Кои се консеквенците од успешен референдум на 30 септември?
– Легитимитет на неуставниот, незаконски, донесен и потпишан од ненадлежни официјални лица од власта, во прекршена процедура договор.
– Промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија.
– Губење на идентитетот на македонскиот народ, како „втора безимена страна“, каде дополнително сме идентификувани како „граѓани на Северна Македонија“.
– Прифаќање на небулозите дека е заштитен идентитетот, вклучително и јазикот, кој е признат од ОН во Атина 1977 година.
– Кард бланш оставена можност за измена на односните уставни одредби, за кои не се знае што се ќе биде изменето во Уставот.
– Формирање на мешани комитети/комисии кои ќе одлучуваат за толкувања на историски факти, за употребата на терминот „македонски“ во сите полиња на општеството, вклучително во деловни, комерцијални, како и имињата на државните институции.
– Можност да бидеме уценувани и блокирани во нашите интеграции при секоја одлука на комисиите која нема да ја прифатиме, во дефиниција на „наредба“ од грчката страна.

Мислења и објаснувања на грчката страна во овој контекст:
https://republika.mk/938301
https://republika.mk/929211
https://emagazin.mk/partnerot-na-cipras-kamenos-bez-razlika-na-ishodot-od-referendumot-posledniot-zbor-e-go-ima-grchkiot-narod/
https://meta.mk/kozijas-dogovorot-ke-bide-ratifikuvan-grtsija-go-dobi-imeto-nazad/

Кои се опциите на постапување во однос на референдумот?
– Излегување на гласање, со што гласачот влегува во бројот на гласачи во однос на цензус, при што гласа ЗА или ПРОТИВ, или пак ливчето е неважечко, согласно закон.
– Неизлегување на гласање (апстинирање), то ест неискористување на своето право на глас, од најразлични причини, вклучително и причината дека – гласачот не сака да даде легитимитет на референдумот во насока на неисполнет цензус, поради двосмислено прашање условено со поддршка за евроинтеграции, а истовремено за предмет има Договор кој не сака да го подржи, имајќи предвид дека е неуставен и незаконски, донесен и потпишан од ненадлежни официјални претставници на Република Македонија, со неприфатлива содржина.

Зошто се врши притисок врз раководството на ВМРО-ДПМНЕ да го повика своето членство да излезе на гласање на 30 септември?
– Без членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ овој референдум нема да биде успешен, односно нема да се постигне потребниот цензус, а со тоа истиот нема да произведе никакви последици.

Многу од јавните личности од различни бранши кои истакнаа дека ќе излезат на гласање рекоа дека овој Договор не добар за Република Македонија, но сепак ќе го подржат. Други пак обратно. Има и етникуми кои не можат или пак не сакаат да разберат што овој Договор му прави на на Македонецот, имајќи предвид дека нивната традиција и култура, јазик и идентитет се згрижени во нивните матични држави.

За мене, овој референдум е референдум на достоинството и честа на македонскиот народ. Ова е референдум кој на маса ги става сите вредности со кои човекот се разликува од другите суштества и го прави да е она што е – да е хуман, да има свои права, вклучително и на самоопределување, да има свое достоинство, своја чест, да има своја традиција и култура која доследно ќе ја негува и предава на своите поколенија, да има свој реален и душевен мир и спокој, без притисоци и уцени, без закани … сето тоа заедно ја создава комплетната слобода по која тежнее цивилизираниот свет. Затоа не можам да ги прифатам изјавите, кои се косат со универзалната слобода, од типот земи или оди си, мора да подржите, ова е последно, знаеме дека не е фер но мора да прифатите, или пак ако сакате евроинтеграции тогаш мора …. велат, „види го мајсторот, сети се каква му е куќата“.

Драги сограѓани Македонци, јасно е: доколку референдумот го постигне цензусот, тогаш Република Македонија, македонскиот народ, македонската култура и традиција, македонската историја и нејзината историска борба и жртва низ вековите ќе исчезне засекогаш!

Претседателе Христијан Мицкоски, секоја чест на вашата доследност, трпение, истрајност во притисоците, секако знаете, но имајте на ум, во контекст на Вашата изјава за Вашиот личен непартиски избор за излегување на гласање – на 30 септември, секој кој ќе излезе на гласачко место – директно го помага цензусот на самоукинување на Македонецот!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top