| четврток, 6 декември 2018 |

Почна наплатата на патарина на „Патот на нацијата“

Од денеска почна наплатата на патарина на автопатот Тирана – Кукс- Морина, или како што инаку се нарекува „Пат на нацијата“.

Цената за минување по автопатот се движи од 2,5 евра за моторцикл, пет евра за патнички возила, 11,2 евра за автобуси и камиони со помала носивост, 16,2 евра за камиони со средна носивост и 22,5 евра за тешки товарни возила.

За оние кои често го користат овој пат, како и за жителите на подрачјето на Кукс има други, пониски цени. Проценките говорат дека во текот на еден ден по автопатот минуваат околу пет илјади возила.

Компанијата која услугата ја доби на концесија има поставено 10 наплатни пунктови и засега нема никакви проблеми, иако претходно беше најавен протест од страна на опозицијата.

Првично наплатата на патарина требаше да почне на 31 март, но кај наплатниот пункт кај тунелот Калимаш тогаш избија протести на стотици демонстранти, главно од околијата Кукс, во знак на револт од воведување на патарината. Дојде до судир со албанската полиција, а демонстрантите целосно ги уништија кабините за наплата, удирајќи ги со тврди предмети и палејќи ги. Беа повредени најмалку дваесет лица, меѓу нив и петмина полицајци.

Автопатот Тирана – Кукс – Морина (Морина е граничниот премин со Косово) е во должина од 110 километри и истиот освен транспортните претпријатија, го користат и косовските туристи.

Премиерот Еди Рама се заблагодари на жителите на Кукс за разбирањето и најави дека средствата добиени на име патарина ќе бидат инвестирани.

– Им благодарам на жителите на Кукс за разбирањето.Ќе сториме се средствата наплатени на име патарина да се инвестираат. Кукс набрзо ќе добие аеродром а ќе има и многу други инвестиции, изјави Рама.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top