Според податоците на Државниот завод за статистика, во 1994 година во Македонија имало 31.421 живородени, а минатата година 21.754. Бројките укажуваат и на зголемување на бројот на умрени лица, со што се намалува и природниот прираст.
Ако се погледаат податоците објавени во последната публикација на ДЗС за Природното движење на населението во текот на минатата година во која се дадени споредбени податоци и со изминатите години, може да се забележи дека најголемо намалување на бројот на живородени деца се бележи во периодот од 1994 до 2001 година, кога има регистрирано 24.183 живородени. Така за седум години бројката се намалува за околу 7.000.
Потоа следи постојано намалување на оваа бројка, од 2001 до лани за околу 3.000 живородени.
Но, за разлика од намалувањето на бројката на живородени, податоците покажуваат дека се зголемува бројот на умрени лица, нешто на што влијае и менувањето на старосната структура на населението. Во 1994 година умреле 15.649, а лани 20.318 лица.
Ваквото природно движење на населението, резултира и со намалување на природниот прираст на населението. Иако, тој се уште е позитивен и лани изнесувал 1.436, во 1994 година бил десет пати поголем и тогаш изнесувал 15.772 лица, односно за толку повеќе биле родени од умрени.
Трендот на намалување на бројот на живородени продолжува и годинава. Според податоците на ДЗС бројот на живородените деца во второто тримесечје од 2018 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 6,3 отсто и изнесува 5.160 живородени деца.
Бројот на умрените лица во второто тримесечје од 2018 година бележи зголемување од 1,1 отсто во споредба со истото тримесечје од 2017 година и изнесува 4.683 лицa.
Природниот прираст изнесува 477, што значи, за толку лица бројот на живородените деца е поголем од бројот на умрените лица, што е тројно намалување од минатата година кога природниот прираст бил 1.436 лица.
Неодамна директорот на ДЗС Апостол Симовски во интервју за МИА не сакаше да даде оценка за овие состојби, поради тоа што, како што рече, Заводот, ја отсликува само реалноста.
– За да се даде оценка треба многу поголема анализа да се видат причините зошто одредена појава што статистички ја следиме се наоѓа на такво ниво како што прикажуваме. За да се изанализира треба многу поголемо познавање зошто, што, и какви се политики се спроведувале. Тука се врзани многу економски фактори, многу социјални фактори. Така што нашата задача во суштина не е да азнализираме зошто дошло до таква состојба, иако и тоа честопати знаеме да го направиме. Меѓутоа за такво нешто навистина треба многу повеќе познавање, рече тој.
Сепак, посочи дека во првото тромесечје од 2018 година за првпат во историјата на следење на статистичките податоци во РМ бројот на умрени стана поголем од бројот родени.
– И тоа е очекувана последица. Населението во РМ старее, тоа е факт. Не старее од денеска, старее 50 години. Значи со таа таканаречена демографска традиција, што се случи некаде во доцните 60 години, со намалување на бројот на раѓања во РМ, односно со намалување на бројот на деца во семејствата, веќе интензивно почна да се намалува бројот на раѓања. Со самото тоа сега оној подмладок, стеблото на пирамидата, демографски почна да се намалува, а да се проширува во оние делови каде се ноаѓа повозрасното население. Тој е тој процес што трае веќе 50 години. Населението во РМ дефинитивно старее и тоа придонесува оваа бројка да се зголемува.
Втор фактор што уште поинтензивно делува на ваквите состојби е миграцијата. За жал, РМ е миграциско подрачје и не од денес, од вчера, туку веќе со векови можеме да кажеме луѓето од тука бараат некаков економски интерес надвор од државата. Тоа не престанува и денеска. Напротив, за жал, се интензивира и она што е уште пострашно оди најквалитетната популација од државата.
Податоците на Државниот завод за статистика, пак, воопшто не укажуваат на фактор дека постои сериозен одлив на население од државата. Така во 2013 во земјава се доселиле 3.991 лице, а се отселиле 1.041 лице. Лани пак, се доселиле 4.386 лица, а се отселиле 434 лица.
Решавањето на овие состојби, според Симовски, е исклучително тешко, бидејќи буквално зависи од секоја сфера во животот. Ниту една спроведена демографска политика не дала такви резултати, заради тоа што била еднострана.
– Состојбите во економијата се тие кои ги знаеме. Желбите се едно, можностите друго. Сите сакаме да имаме побрз развој, меѓутоа ние мораме да ги прикажеме такви какви што се. И тука многу фактори влијаат за оние кои носат деловни одлуки, оние кои носат политики итн. Треба добро да се замисли зошто е таква состојбата и да се преземат мерки. Можеби евентуалното влегување во овие меѓународни сојузи ќе ни даде поголеми шанси, дефинитивно ќе ни даде поголеми шанси. Меѓутоа наша обврска е да ја дадеме реалната состојба, не да влијаеме на неа, рече тој.
Сите овие податоци, како и последниот податок за фертилитет во 2017 година, според кој во земјава има 1.43 живородени на една жена, покажуваат дека во земјава е потребна една посериозна анализа, врз статистички податоци за причините за ваквите состојби, како и за начините како тие да се подобрат, со оглед на тоа што мерките што досега беа преземени, како оние за трето и четврто дете не ги даваат очекуваните резултати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст