Раководните лица во јавната администрација ќе се бираат преку транспарентна постапка и со јасни стандарди и критериуми кои ќе бидат прецизирани со нов Закон за висока раководна служба. Информацијата за донесување на еден ваков закон помина на вчерашната владина седница.
Законот ќе се однесува на високите раководни позиции како директори и секретари. Нема да се однесува на највисоките политички функции како што се министри и заменици-министри, како и на независните тела како што се Народниот правобранител или Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации.
Ќе биде формирана и Комисија која ќе ја врши селекцијата на кандидатите, а изборот на раководните лица ќе биде преку јавен оглас на кој ќе може да пријават граѓани со високо образование. Раководните кадри ќе бидат оценувани една година по назначувањето и секои наредни две години.
Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, ова е еден чекор кон департизација и професионализација на јавната администрација.
– Македонија е прва земја од регионот којшто со започнување на оваа реформа се обврзува преку нов закон да утврди јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри. Ова е можеби еден од најважните чекори во процесот на професионализација на адмнистрацијата што е една од главните цели на реформата во јавната администрација – кажа Манчевски на денешната прес-конференција во Владата.
Во следниот период се планираат јавни дебати и консултации со граѓанскиот сектор и опозицијата околу подготвката на законот за висока раководна служба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.